Линкови за пристапност

ОН ја суспендираа дистрибуцијата на храна во Рафа поради несигурност


Една жена гледа низ прозорец на зграда која беше оштетена за време на израелските бомбардирања во населба во градот Газа на 21 мај 2024 година (Фото:АФП)
Една жена гледа низ прозорец на зграда која беше оштетена за време на израелските бомбардирања во населба во градот Газа на 21 мај 2024 година (Фото:АФП)

Обединетите нации (ОН) ја суспендираа дистрибуцијата на храна во Рафа, на јужната граница на појасот Газа, поради исцрпени резерви и несигурност.

Стефан Дујарик, портпарол на ОН, во вторникот рече дека дистрибутивните центри на Светската програма за храна и УНРВА, агенција на ОН за помош на палестински бегалци, се недостапни поради тековната воена операција во Рафа. Околу 1,1 милион луѓе се соочуваат со голем глад, соопштија ОН.

Преминот Рафа во Египет, некогаш главниот влез за помош, е затворен од 6 мај, а ниту еден камион со помош не го поминал пловечкото пристаниште изградено од САД два дена, соопштија ОН.

Портпаролот на Светската програма за храна рече дека „хуманитарните операции во Газа се пред колапс“.

Абер Етефа предупреди дека ако храната и другите залихи не продолжат да влегуваат во Газа во „големи количини, ќе се рашират услови на неисхранетост“.

Покрај тоа, УНРВА рече дека нејзините здравствени центри не добиле медицински материјали во последните 10 дена, но нејзиниот здравствен персонал сè уште спроведува медицински консултации во своите центри кои остануваат отворени.

Во меѓувреме, шефот на Светската здравствена организација во објава на Х, поранешен Твитер, рече дека болницата Ал-Авда во северна Газа е „под опсада од 19 мај, без никому да му биде дозволено да излезе или да влезе“.

Шефот на Светската здравствена организација (СЗО) Тедрос Аданом Гебрејесус, рече дека 22 пациенти, нивните придружници и 148 болнички персонал „се` уште се заробени внатре“.

Медицинскиот персонал во Ал-Авда во понеделникот пријави снајперски напад врз зградата.

Артилериска ракета го погодила петтиот кат каде се наоѓа управата, но нема повредени.

Шефот на СЗО повика на хуманитарен пристап до болницата и итен прекин на огнот.

Дел од информациите во текстот се од АП, Франс-прес и Ројтерс

XS
SM
MD
LG