И натаму постои опасност да се прошири оган на Балканот, според Даниел Хамилтон, извршен директор на Центарот за меѓународни студии при Универзитетот Џонс Хопкинс. Затоа, препорачува меѓународната заедница будно да ја следи ситуацијата во регионот, затоа што екстремизмот, сиромаштијата и безперспективноста може да го вратат регионот 20 години наназад.
На маргините на вчерашната конференција на Универзитетот Џонс Хопкинс во Вашингтон, за иднината на Босна и Херцеговина, но и на регионот, Даниел Сервер од Катедрата за постдипломски меѓународни студии на овој универзитет за Гласот на Америка изјави дека во моментов нема нормално функционирање на демократијата во Македонија.
„Меѓународната заедница јасно покажа на излезот пред некој ден кога кажа дека сака да види конкретни чекори и поддршка на демократијата во Македонија – сакаме да видиме слободни медиуми, независно судство, крај на злоупотребата на власта. Оставките на двајца министри и првиот човек на разузнавањето одат во таа насока, но мора да видиме уште поконкретни мерки коишто ќе обезбедат преживување на демократијата во Македонија“, вели Сервер.
Едвард Џозеф, извршниот директор на Институтот за тековни светски случувања, е дециден дека она што се случува во Македонија е илустрација на ужасната состојба со демократијата во целиот регион. Во коментарот даден за нашата редакција за тоа како решение е потребно за кризата во Македонија, Џозеф наведува дека „во најкус рок, владата треба да ја признае и прифати својата одговорност за сите исклучително сериозни прашања кои што беа покренати со аферата прислушување“.
Неколкуте оставки во владата се добар почеток, но тоа не е доволно, смета овој аналитичар, којшто деновиве објави осврт за Балканот во публикацијата Форин афеарс, каде што наведува дека протестите во Македонија се само почеток на потенцијално експлозивната иднина на регионот.
„Меѓу многуте други нешта, мора да има целосна истрага и целосна правна одговорност за оние за коишто ќе се покаже дека се кривично одговорни. Друга работа е - премиерот Никола Груевски апсолутно треба да размисли да поднесе оставка веднаш, поради недостиг на доверба. Тоа требаше да се случи многу порано“, заклучува Џозеф.
На прашање на Обединетата македонска дијаспора, поранешната државна секретарка на САД, Медлин Олбрајт се наврати на историските моменти од проблемот со името, но додаде дека Македонија во моментов има погорливи проблеми.
„Како што известуваат медиумите, некои од последните настани особено загрижуваат, во однос на некои екстремистчки активности и поделбите на разни етнички групи и каква врска има Косово со тоа, Грција и други нешта. Не мислам дека прашањето за името е најважното во моментов. Сега треба се стори нешто, а не кога ќе се влоши ситуацијата“, вели Олбрајт.