Линкови за пристапност

Иванов се сретна со дипломатите од САД, ЕУ, НАТО и ОБСЕ


Сочувство и засилени безбедносни мерки и во земјите од регионот

„Дологодишниот статус–кво во поглед блокадата на евроатлантските интеграции на Македонија, создава простор за најразлични обиди за дестабилизација и затоа е потребно итно да се изнајдат начини да се овозможи напредок на Македонија во евроатлантските интеграции“, им порачал македонскиот претседател Ѓорге Иванов, на дипломатските претавници со кои се сретнал утрово.

Според неговиот кабинет, Иванов побарал поддршка од меѓународната заедница за стабилноста на Македонија и на целиот регион од американскиот амбасадор Џес Бејли, евроамбасадорот Аиво Орав, в.д. шефот на Мисијата на ОБСЕ, Мариане Берец, претставникот на Канцеларијата за врски на НАТО Румен Радев и амбасадорот на Турција и контакт-амбасадор со НАТО, Омур Шолендил.

На средбата се разговарало и за заклучоците од Советот за безбедност, за случувањата во Куманово и безбедносната состојба., а Иванов истакнал дека сега е особено важно да се врати чувството на сигурност и на безбедност на граѓаните, обединетоста на внатрешен план, но и да се засили регионалната и меѓународната соработка во борбата против тероризмот, што подразбира и зголемен ангажман и соработка од сите меѓународни фактори во земјава.

Попладнево и премиерот Никола Греувски ќе оствари средба со дипломатски претставници на САД, ЕУ, Германија, Италија, Франција и Велика Британија.

Дописникот на МИА од Брисел ја пренесе изјавата на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој, според агенцијата, во Брисел ја пофалил македонската полиција „за успешното справување со терористичкиот напад врз земјата“ и посочил дека „Министерството за внатрешни работи на Македонија успеало да се справи со предизвикот“.

Столтенберг најавил дека за кумановските настани ќе се зборува и на состанокот на ниво на министри за надворешни работи на земјите-членки и земјите-партнери на НАТО во Анталија, Турција. „Очекувам за тоа да се дискутира меѓу министрите во Анталија неделава, а јас ќе повторам уште еднаш дека многу жалам за загубата на животите и моите мисли се со семејствата на тие кои ги загубија најмилите во настаните во Куманово“, истакнал Столтенберг, кој бил охрабрен од тоа што сите политички лидери во Македонија го осудиле на насилството и ги повикале граѓаните да останат мирни.

„Верувам дека ќе се остварат и блиски контакти меѓу Скопје и Приштина за овој настан. А, во овој дел повикувам на транспарентна истрага за тоа што се случи и да се види како се случи,со цел да се спречи повторување на нешто слично и да нема повеќе употреба на насилство. Ние ќе продолжиме да работиме со Македонија и во рамки на Акцискиот план за членство (МАП), што го воспоставивме и со кој продолжуваме“, потенцирал Столтенберг.

Според македонските медиуми, и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, истакнал дека судирот во Куманово не може и не треба да го одвлекува вниманието од многу сериозната внатрешно-политичка ситуација во Македонија, и побарал од сите политички субјекти да се вклучат во расветлувањето на судирот. „И особено, овој настан не смее да се искористи да се креира поголема комплексност и дополнителни меѓуетнички тензии во оваа ситуација. барам од сите одговорни луѓе во земјата, но и во соседството, да реагираат со разум, заедништво и на транспарентен начин“, изјавил Хан.

И додека ситуацијата во Куманово се враќа во нормала, во соседството на Македонија се` уште владее вонемиреност. По состанокот на претседателката Атифете Јахјага и премиерот Иса Мустафа со министерот за внатрешни работи Скендер Хисени, специјалните единици на косовската полиција - РОСУ се распоредени на границата со Македонија по информацијата дека неколку косовски граѓани учествувале во судирите со македонската полиција, и тоа една група на граничниот премин меѓу Косово и Македнија, Генерал Јанковиќ (Хани и Елезит), а другата во близина на Гњилане.

По престрелките во Куманово во Србија е кренато нивото на борбена готовност.

„Војската на Србија го подигна нивото на готовност и сигурен сум дека заедно со останатите безбедносни структури во земјава, ќе успееме да ги сочуваме суверенитетот и интегритетот на Република Србија и безбедноста на граѓаните на земјата.“, изјави Братислав Гашиќ, министер за одбрана на Србија, во базата „Чворе“, на границата со Македонија.

Македонските медиуми пренесоа дека и министерот за внатрешни работи на Република Српска, Драган Лукач, изјавил дека постои потреба полицијата на Република Српска да остане во зголемена готовност заради терористичкиот напад во Куманово, „бидејќи не може да се исклучи можноста ситуацијата од Македонија да се прелее надвор од нејзините граници, па дури и во БиХ“.

Црногорскиот претседател Филип Вујановиќ во врска со судирот меѓу македонската полиција и вооружената група во Куманово, упатил сочувство до македонскиот колега Ѓорге Иванов поради загинувањето на осумте полицајци, а црногорското МНР им препорачало на своите граѓани при патувањето во Македонија да ја контактираат црногорската амбасада во Скопје за прецизно информирање.

А бугарскиот премиер Бојко Борисов во софискиот весник „24 Часа“ му препорачал на македонскиот премиер Никола Груевски да поднесе оставка за да престанат протестите и раздорот во Македонија „Јас сум дал пример како го прави тоа еден премиер ако има недоверба поради една или друга причина. Потоа, народот ќе ја врати довербата“, изјавил Борисов и изразил надеж дека состојбата во Македонија ќе биде вратена под контрола.

„Македонија е многу важна земја за нас и службите секој час ме известуваат каква е состојбата. Засега е помирно. Бог да ги прости жртвите. Веднаш сфаќате колку е важно да има политичка стабилност. Од раздорите и проблемите во Македонија се дојде до овие жртви“, изјавил Борисов.

XS
SM
MD
LG