„Оставките на високите владини функционери се позитивен чекор за решавање на сегашната политичка криза и за придвижување на Македонија напред“, е ставот на Амбасадата на САД во Македонија во реакцијата по вчерашните оставки на министрите за внатрешни работи и транспорт и врски, Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески, и на директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков.
Од Амбасадатата за видео пораталот НоваТВ, наведуваат дека „е важно лидерите во Македонија да ги истражат можните злоупотреби на власт и да преземаат чекори за реформирање на демократските институции и процеси во Македонија“. „Како пријател и партнер на Македонија, Соединетите држави се спремни да помогнат во овој процес“, велат од Американската амбасада во Македонија.
Вчеравечер, со реакција на социјалните мрежи се огласи и лидерот на СДСМ, Зоран Заев. “Сè што зборувавме се потврди, ова е доказ и за прислушувањето и за автентичноста на разговорите. Ова е доказ за содржината на разговорите кои ги потврдуваат сите незаконитости и криминали на Никола Груевски и врвот на власта. Не е време за триумфализам! Оставките на Гордана Јанкуловска, Миле Јанакиески и Сашо Мијалков не се наша крајна цел. Ова е само чекор до крајот на Никола Груевски“, напиша на својот профил на Фејсбук, Заев.
За Либерално- демократската партија, „режимот пукна, трите најсилни столба веќе ги нема. Најавената реконструкција е обичен обид за негово крпење. Рибата смрди од главата, а евтината шминка што Груевски сака да ни ја продаде не може и не смее да успее“, се наведува во реакцијата. Притоа, партијата бара оставка од Груевски и од сите министри во Владата, истакнувајќи дека „ова е почеток на крајот на овој режим, а за сите нанесени зла, поединци ќе одговараат пред граѓаните и институциите на системот“.
Новата социјалдемократска партија на Тито Петковски смета дека оставките „се само своевиден појас за спасување на премиерот Груевски од потребата да ја поднесе целосната одговорност за поведението на криминалниот и авторитарен режим во изминативе девет години“.
„Оваа мини реконструкција на Владата не е доволно за вистинска демонтажа на делегитимираниот систем на владеење и враќање на довербата во институции, бидејќи оној од кого произлегуваа најголемиот број на криминогени одлуки останува во својата фотеља“, реагираат од НСДП.
Од Движењето за реформи во ДПА, фракција во ДПА на Мендух Тачи сметаат дека „премиерот Груевски ги принуди на оставки министрите Јанакиески и Јанкуловска и директорот на УБК Мијалков, со цел да се прикрие себеси и да се обиде да се спаси од кризата во која се наоѓа тој и неговата влада“, за, како што велат, „да го дефокусира вниманието на јавноста во обид да се замагли „Кумановскиот случај“.