Во САД во тек е обемно истражување што би требало да фрли светло на ризичните фактори кај децата за најразлични проблеми, од аутизмот па се` до дебелината. Генетските и животни фактори се особено на детален преглед во оваа обемна студија.
Истражувањето бара одговор на многу прашања: како реагираат децата на условите во животната средина: воздухот, водата, храната, почвата... Тоа испитува многу други фактори: семејната динамика, генетиката, па и колку часа на ден децата гледаат ТВ.
„Наша цел е да дознаеме како детето да се развие во здраво возрасно лице кое придонесува во општеството“, појаснува д-р Стивен Хиршфилд од Националниот институт за здравје, кој раководи со студијата.
Опфатени се 100.000 деца, и од метрополите, и од руралните области. Истражувачите ги следат нивните здравствени податоци од раѓањето, па се` до 21-годишна возраст.
„Истражуваме бројни детски здравствени проблеми, како астмата и аутизмот, дефекти при раѓањето, дебелината, разни проблеми во учењето и однесувањето“, го објаснува обемот на студијата д-р Мајкл Лу од Универзитетот на Калифорнија, Лос Анџелес.
Собраната база на податоци ќе виде отворена за научниците од цел свет, а истражувањето, вели Лу, има потенцијал „да го промени начинот на кој гледаме на здравјето на децата и на нивниот понатамошен развој“.
Во тој контект, тоа можеби ќе ги смени постојните закони што се однесуваат на детското здравје и заштитата на животната средина. Надежта е дека преку него здравствените лица ќе развијат превентивни стратегии и упатства за поздрав живот, а децата ќе можат да станат поздрави личности кога ќе пораснат.