Линкови за пристапност

Можен ли е излез од политичката криза во Македонија?


Moжен ли е излез од политичката криза во Македонија?
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:37 0:00

Moжен ли е излез од политичката криза во Македонија?

Американски аналитичари и добро познавачи на состојбите на Балканот ја коментираат напнатата ситуација, со секојдневните протести по улиците и евентуалното одржување на изборите на 5-ти јуни

И за Брисел и за Вашингтон - ова се непријатни настани во Македонија со оглед на напнатоста од политичката криза и ќорсокакот во кој се наоѓа земјата, коментира Даниел Сервер, експерт за балкански прашања од Центарот за трансатлантски односи при Универзитетот Џонс Хопкинс. Македонија ќе ги почувствува последиците во Вашингтон, предупредува.

„Нема да има посети на високо ниво, ниту од опозицијата, ниту од владата на Македонија“, вели Сервер.

За евентуалните казнени мерки од меѓународната заедница, тој вели дека би било непријатно ако Македонија не добие покана да учествува на Самитот на НАТО во Варшава ако продолжи актуелната политичка криза, затоа што Алијансата и не смее да и` ја затвори вратата.

Колку е реален, датумот за избори на 5-ти јуни, со оглед на најавите на бојкот од опозицијата? Сервер коментира:

„Не сум сигурен. Секогаш сум на страната на луѓето кои сакаат поотворено, послободно општество, помалку корупција, и затоа ми се допаѓаат демонстрантите. Но, од друга страна, немам разбирање за луѓето кои не сакаат да одат на избори. Бојкотот, од американска перспектива, е негативен и контрапродуктивен. Бојкотите на Балканот се чести, но никогаш не ја оствариле целта. Имам чувство дека опозицијата иако успеа да поттикне многу луѓе да излезат на улица, се плаши дека ќе ги загуби изборите. Независно дали ќе ги загуби изборите поради технички проблеми или недоволна политичка поддршка - е дискутабилно. Но, искрено, Груевски се` уште добро котира на политички“, вели овој аналитичар.

Едвард Џозеф, долгогодишен аналитичар во Вашингтон и познавач на Балканот вели дека Македонија се наоѓа во мошне тешка политичка криза откако претседателот Иванов, со како што ја нарече, „целосно неодговорна одлука“, да ги помилува осомничените политичари и дополнително ја исфрустрира јавнооста со тоа што ја попречи работата на Специјалното јавно обвинителство, вели - тоа е срамно:

„Македонија е под ризик да стане банана-република. Македонските граѓани треба да ги разберат последиците - економски, политички, за имиџот на државата во странство, ако ваквото однесување се толерира и ништо се смени. Се надевам дека Вашингтон и Брисел вршат голем притисок врз македонските лидери, најпрво врз претседателот Иванов да ја повлече одлуката, но и до сите лидери, да ги почитуваат дадените заложби“, додава Едвард Џозеф од Институтот за актуелни светски преашања.

За Џозеф, нема услови за одржување избори на 5-ти јуни.

„Многу е поважно Македонија веднаш да се зафати со решавање на политичката криза, да создаде клима - владеењето на правото да продолжи со истрагите и гонењата на случаите за кои постои законско сомневање против индивидуалци кои го прекршиле законот“, додава овој американски аналитичар.

XS
SM
MD
LG