Аналитичарот Петар Арсовски во изјава за „Гласот на Америка“ наведува три клучни чинители во ситуацијата.
„Првиот фактор е политичката волја на политичките лидери кои не покажуваат желба да направат некаков политички компромис, втор фактор се граѓанските протести кои не ескалираат дотаму да изнудат некакво решение и третиот фактор е меѓународната заедница која и покрај своите засилени најави засега нема решителен потег каков што имаше за одложување на изборите на 24-ти април. Бидејќи во ниту еден од овие три фактори немаме јасен став или ескалација чмаеме во овој статус-кво период“ – вели политичкиот аналитиачр Петар Арсовски.
Дополнително, ситуацијата се комплицира зашто Државната изборна комисија работи во нецелосен состав откако тројца нејзини членови, вклучувајќи го и претседателот, престанаа да учествуваат во финалните фази од прочистувањето на избирачкиот список поради сомневање во добиените податоци од вкрстените анализи. Иако опозицијата веќе кажа дека на избори на 5-ти јуни нема да учествува без исполнети услови за фер и кредибилен процес, владејачката ВМРО-ДПМНЕ засега во јавноста не покажува знаци дека ќе се предомисли.
„Избори на 5-ти јуни се неопходни“- изјави техничкиот премиер задолжен за спроведување на изборите Емил Димитриев, кој е од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
ДУИ, која се смета дека може да ја има решавачката улога „топката“ ја префрла кај ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. „Повторно ги повикуваме македонските политички партии да прифатат компромиси, кои се на маса за да ја извлечат државата и граѓаните од кризата. Ако тоа не биде постигнато, тогаш на ДУИ ѝ преостанува да ги разгледува нејзините политики во правец на заштита на интересите на Албанците во Македонија“ – ја пренесуваат овдешни медиуми изјавата на портпаролот на ДУИ Бујар Османи. Арсовски, пак, анализира дека засега 3 сценарија се во „игра“.
„Првото, кое е најмалку веројатно е целосна радикализација на граѓанското движење кое ќе ги натера политичките партии во една суштинска катарза кое на крајот би завршила со некакво ново Собрание. Втората опција е до 5-ти јуни политичките партии заедно со меѓународната заедница да најдат некаков компромис, да седнат на маса и тука има повеќе варијанти, дали ќе се повлече аболицијата, дали ќе се одложат изборите... Третата опција е статус – кво, фатени во овој колосек ние да истераме некакви избори на 5-ти јуни и веднаш потоа на 6-ти јуни да имаме санкции, нови преговори за некој нов пржински договор, нова криза и на 6-ти јуни пак да разговараме за нови избори“, коментира Арсовски.