Линкови за пристапност

Во тек се тешки борби, контраофанзивата напредува со стабилно темпо, вели Украина


Украинскиот врховен командант Валериј Залужњи денес рече дека контраофанзивата на Киев напредува со стабилно темпо и оти неговите одбранбени линии се стабилни додека војниците ги одбиваат руските обиди за контранапад и го одвлекуваат вниманието на украинските сили од другите делови на фронтот.

„Во тек се тешки борби, а украинските трупи чекор по чекор продолжуваат да создаваат услови за напредување“, рече Залужњи во изјавата на апликацијата за пораки Телеграм по телефонскиот разговор со претседателот на Здружениот Генералштаб на САД, генерал Марк Мили.

„Иницијативата е на наша страна“.

Украина досега врати неколку села на југ и поврати одредена територија околу опустошениот град Бахмут на исток, но сè уште не постигна пробив против силно вкоренетите руски линии.

Украинската заменик-министерка за одбрана Хана Малиар рече дека Русија ги користи сите свои ресурси за да го запре напредувањето на Киев, но дека украинските трупи постојано напредуваат кон јужните градови Мелитопол и Бердјанск на Азовското Море.

Украинските власти одговорија на критиките дека контраофанзивата оди бавно, велејќи дека се обидуваат да избегнат големи жртви додека ги напаѓаат добро утврдените руски линии кои се расфрлани со нагазни мини.

Во својата најнова проценка за војната во Украина, британското Министерство за одбрана денес рече дека руската национална гарда ќе биде опремена со тешко вооружување.

Рускиот претседател Владимир Путин минатата недела ја потпиша новата мерка во закон за силната национална гарда од 200.000 членови.

Британското министерство за одбрана вели дека одлуката за засилување на силите следи по краткиот бунт на приватната воена компанија „Вагнер“, што сугерира дека Кремљ ја трансформира силната национална гарда како една од клучните организации во Русија за да обезбеди безбедност на режимот.

Дел од информациите се од дописничката на Гласот на Америка од ОН Маргарет Бешир. Дел се од Асошиетед прес, агенцијата Франс-прес и Ројтерс

XS
SM
MD
LG