Сенаторите Џин Шахин и Роџер Викер претставија легислатива чија цел е да се зголеми трговијата и инвестициите меѓу САД и Западен Балкан, и да се помогне во борбата против корупцијата.
„Во услови на неиспровоцирана војна на Русија во Украина и јасните амбиции на Путин да шири злонамерно влијание низ Источна Европа, односот на САД со Западниот Балкан е клучен. Затоа сум горда што предлагам нова двопартиска легислатива што ја зајакнува трговијата и инвестициите меѓу САД и Западен Балкан, истовремено искоренувајќи ја локалната корупција и кодифицирајќи санкции против дестабилизирачките актери – сето тоа го отвора патот за поголема евроатлантска интеграција“, рече Шахин
Предложената легислатива предвидува продолжување на безбедносната соработка со Северна Македонија, Албанија и Црна Гора преку НАТО и континуирана билатерална соработка.
Се нагласува и дека САД ќе продолжат да ги „поддржуваат апликациите на Северна Македонија и Албанија за членство во Европската Унија со поддршка на подобрување на нивните способности за исполнување на критериумите за демократија потребни за пристапување“.
„Во заеднички интерес на САД и шесте земји од Западен Балкан е да промовираат стабилен и одржлив економски раст и развој во регионот. Континуираните мир, стабилност и просперитет на Западен Балкан се директно поврзани со можностите за демократски и економски напредок достапни за граѓаните и жителите на овие шест земји“, се вели во легислативата.
Во неа стои дека создавањето средина за можности за вработување на Западен Балкан, особено за младите, може да обезбеди моќни алатки за економски развој и за поттикнување пошироко учество во политички процес, кој го зголемува просперитетот.
„Корупцијата продолжува да го мачи Западен Балкан и претставува една од најголемите препреки за понатамошен економски и политички развој во регионот“, пишува во предложената легислатива.
Легислативата, меѓудругото, ги нагласува и кампањите за дезинформација насочени кон Западен Балкан кои го загрозуваат кредибилитетот на западните демократски институции, интегритетот на националните избори и справувањето со ковид-19.
„Корупцијата и дезинформациите се шират во политички средини со автократски контроли или партиски конфликти. Зависноста од руските извори на природен гас за земјите од Западен Балкан ги поврзува нивните економии и политики со Руската Федерација и ги попречува нивните аспирации за европска интеграција“.
Коспонзори на легислативата се сенаторите Том Тилис, Дик Дурбин, Бен Кардин, Крис Ван Холен и Крис Марфи.
Facebook Forum