Линкови за пристапност

Вашингтон го советува Израел да почека со копнената инвазија во Газа, велат официјални лица на САД


Израелски тенк и воени возила се видени во близина на границата на Израел со Газа, во јужен Израел, 22 октомври 2023 година
Израелски тенк и воени возила се видени во близина на границата на Израел со Газа, во јужен Израел, 22 октомври 2023 година

Израелската војска изврши повеќе од 300 воздушни напади денес врз Газа, додека американските официјални лица велат дека Вашингтон го советува Израел да ја одложи планираната копнена инвазија на територијата што ја контролира Хамас, за да овозможи повеќе време за преговори за ослободување на повеќе од 200 заложници што ги држи Хамас.

Хамас досега ослободи само двајца американски заложници, мајка и ќерка, по преговорите спроведени преку посредници од Катар.

САД работеа со регионалните партнери на Блискиот Исток за да се обидат да ослободат други, но досега безуспешно.

Копнената инвазија веројатно дополнително би ги комплицирала сите преговори за заложниците, при што се верува дека барем некои од нив се чуваат во сложена мрежа од тунели што милитантите ги изградиле во Газа со текот на годините, дури и кога Израел ја блокирал територијата долж Средоземното Море.

Шефот на израелската одбрана Јоав Галант минатата недела им вети на повеќе од 300.000 војници позиционирани долж границата со Газа дека наскоро ќе напредуваат на територијата, но го остави отворено прашањето за времето на инвазијата.

Беше нејасно до кој степен барањата на САД за задржување на копнениот напад би можеле да влијаат на израелското донесување одлуки.

Високите американски функционери, државниот секретар Ентони Блинкен и секретарот за одбрана Лојд Остин, изразија загриженост за време на интервју во неделата за војната меѓу Израел и Хамас што ескалира во поширок конфликт на Блискиот Исток.

Министерството за внатрешни работи на Газа, управувано од Хамас, соопшти дека најмалку 18 лица биле убиени во израелските напади врз населбите во градот Рафах денес, а голем број биле повредени.

Израелската војска објави видеоснимки на кои се гледа како воздушни напади уништуваат згради во Газа.

Војската соопшти дека видеата покажуваат напади врз инфраструктурата на Хамас, но не ги прецизира локациите.

Во меѓувреме, министрите за надворешни работи на Европската Унија се состанаа денес за да го разгледаат барањето за хуманитарен прекин на огнот во Газа и разговараа за начините за внесување поголема витална хуманитарна помош во Газа.

Колони камиони влегоа во Газа за време на викендот и денес, но шефот за надворешна политика на ЕУ Жозеп Борел, рече дека „во нормални времиња, без војна, 100 камиони влегуваат во Газа секој ден. Значи, јасно е дека 20 [на ден] не се доволни“.

Дописничката од Обединетите нации Маргарет Бешир, придонесе за овој текст. Дел од информациите се од Асошиетед прес, агенцијата Франс-прес и Ројтерс

XS
SM
MD
LG