Израелската војска изврши воздушни напади во понеделникот во Појасот Газа, додека министрите за надворешни работи на Европската унија се состанаа за да го разгледаат барањето за хуманитарен прекин на огнот.
Израелските авиони, исто така, погодија повеќе цели на Хезболах во Либан, вклучително и ќелии за кои војската рече дека се подготвуваат да лансираат противтенковски ракети и ракети кон Израел.
Шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, за новинарите изјави дека верува дека е потребна хуманитарна пауза во конфликтот за да се овозможи поддршката да стигне до луѓето во Газа.
Неговите коментари дојдоа непосредно пред да биде дозволен третиот хуманитарен конвој преку граничниот премин Рафах во Газа.
Борел во понеделникот рече дека количината на помош што стигнала во Газа во текот на првите два круга не била доволна за да ги задоволи потребите на луѓето таму.
„Првиот ден, на 20 камиони им беше дозволено да влезат, 20“, рече Борел.
„Вчера беа уште 20-тина. Но, во нормални времиња, во нормални времиња без војна, 100 камиони влегуваат во Газа секој ден“, рече тој.
Израел изврши повеќе од две недели напади врз Газа како одговор на нападот на милитантите на Хамас на 7 октомври во кој загинаа 1.400 луѓе.
Обединетите нации соопштија дека околу 1,4 милиони луѓе ги напуштиле своите домови и дека во Газа има критичен недостиг на вода, храна, гориво и лекови.
Борел, исто така, рече дека напорите за деескалација треба да вклучат запирање на ракетните напади на Хамас од Газа и ослободување на заложниците што милитантната група ги држи.
Палестинското Министерство за здравство во понеделникот соопшти дека бројот на загинати во Газа достигна најмалку 5.087 лица, а уште 15.273 лица се повредени.
Израелските власти ветија дека ќе ја продолжат кампањата во Газа додека Хамас нема повеќе способност за напад.
Лидерите на САД, Канада, Франција, Германија, Италија и Велика Британија во неделата разговараа за војната меѓу Израел и Хамас за време на телефонскиот разговор свикан од американскиот претседател Џо Бајден.
Во заедничката изјава тие ја истакнаа својата поддршка за Израел и неговото право да се брани, но и го повикаа да се придржува до меѓународното хуманитарно право и да ги заштити цивилите. Тие го поздравија ослободувањето на двајца заложници и повикаа на итно ослободување на сите преостанати заложници.
Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин и државниот секретар Антони Блинкен изјавија во интервјуто во неделата дека Соединетите Држави се загрижени поради ширењето на војната меѓу Израел и Хамас на Блискиот Исток.
Остин за емисијата „Оваа недела“ на Еј-Би-Си изјави: „Загрижени сме за потенцијална ескалација… значителна ескалација“. Но, тој рече дека САД имаат „способност да одговорат“, истакнувајќи дека воен брод на американската морнарица соборил беспилотни летала лансирани од Јемен кои можеби биле насочени кон Израел.
„Го задржуваме правото да се браниме и нема да се двоумиме да одговориме“, рече Остин.
Блинкен за емисијата „Запознајте го печатот“ на Ен-Би-Си изјави: „Очекуваме дека постои веројатност за ескалација. Ескалација од ирански прокси насочени против нашите сили, насочени против нашиот персонал“.
„Преземаме чекори за да се осигураме дека можеме ефективно да го одбраниме нашиот народ и решително да одговориме доколку е потребно“, рече највисокиот американски дипломат.
„Ова не е она што го сакаме, не е она што го бараме. Не сакаме ескалација. Не сакаме да видиме како се развива втор или трет фронт. Не сакаме да ги видиме нашите сили или нашиот персонал да биде под оган. Но, ако тоа се случи, ние сме подготвени за тоа“, рече тој.
Блинкен рече дека САД, и покрај тоа што го предупредуваат Хезболах да ги прошири борбите против Израел од Либан, „расположија многу значајни [воени] средства во регионот, две борбени групи носачи на авиони, не за да провоцираат, туку за да го одвратат, за да биде јасно дека ако некој се обидува да направи што било, ние сме таму“.
Дописникот на Обединетите нации, Маргарет Бешер, придонесе за овој напис. Некои информации за овој извештај дојдоа од Асошиетед прес, агенцијата Франс прес и Ројтерс.