Линкови за пристапност

Што значи Владата на САД да биде затворена?


Американските амбасади и безбедносните агенции се очекува да продолжат да работат

Од 1976 година наваму, кога беше воведен тековниот федерален буџетски процес, Владата официјално беше затворена 18 пати.

Последен пат тоа се случи во 2013-та година, по ќорсокакот околу здравствената политика. Затворањето траеше 16 дена, а на стотици илјади федерални работници им беше наложено да не доаѓаат на работа.

Што се затвора, а што продолжува да работи варира, но во 2013-та година, 850 илјади федерални работници не можеа да дојдат на работа. Технички, овие лица не можат да бидат платени за тие денови, но во минатото тоа беше сторено ретроактивно.

Бројката од 850 илјади е помалку од половина од вкупниот број на вработени во Владата, каде работат околу 2 милиони лица. Агенциите како што се ФБИ, Граничната патрола и Гласот на Америка, продолжуваат да работат, но со намален персонал. Контролорите на летање ќе останат на работа, како и федералните безбедносни агенти на аеродромите.

Амбасадите на САД во странство исто така имаат персонал кој ќе продолжи да работи во извршување на основните должности, но Стејт департментот не елаборираше кои се тие обврски.

Американскиот државен секретар Рекс Тилерсон, рече дека неговиот оддел е „подготвен“ ако Владата се затвори.

Во 2013-та година, услугите за имиграција и државјанство беа на располагање, но беа ограничени.

Се очекува Американската пошта да продолжи со услугите, но даночните надоместоци би можеле да доцнат.

Директорот за буџет на Белата куќа, Мик Мулвани, денеска изјави дека Националните паркови овојпат ќе бидат отворени, особено ако услугите ги даваат трети лица. Градоначалничката на Вашингтон Муриел Боусер, кажа дека градот ќе го собере ѓубрето околу спомениците во градот, а тие подоцна ќе испратат фактура до Владата.

Националната зоолошка градина најверојатно ќе биде затворена за посетители, иако работниците ќе продолжат да ги хранат и да се грижат за околу 1.800-те животни од околу 300 различни видови.

Врз основа на искуството од 2013-та година, се очекува федералните судови да останат отворени.

Здравственото осигурување за постарите лица, Медикеар, треба да продолжи да работи, но програмите за истражување во Американските центри за контрола на болести и превенција, можно е да бидат времено прекинати.

Се очекува униформираниот персонал да продолжи да работи, но цивилните вработени во војската, најверојатно ќе бидат ставени на неплатено отсуство.

Се очекува Ветеринарната администрација да продолжи да функционира, вклучувајќи ја и работата на нејзините болници.

Некои агенции, како федералните судови и Стејт департментот, имаат капацитет да функционираат неколку недели со преостанатите средства. Потоа можеби ќе треба да ги ограничат услугите.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG