Рик Санторум доби силен импулс во републиканската трка за претседателските избори со победата на синоќешните прелиминарни гласања во Минесота, Мисури и Колорадо.
Со најголем дел од гласовите веќе пребројани, поранешниот сенатор од Пенсилванија победи во Минесота со 45%. Конгресменот Рон Пол го освои второто место со 27%, а досегашниот фаворит, поранешниот гувернер на Масачусетс Мит Ромни беше трет со скромни 17%.
Во Мисури, каде веќе се пребројани сите гласови, Санторум освои 55%, Ромни 25% а Пол 12%.
Прославувајќи ја победата, Санторум изјави дека „конзерватизмот не само што е жив, туку и во одлична состојба“ во Мисури и Минесота. Тој се прогласи за вистинската „конзервативна алтернатива“, и на сопартиецот Ромни, и на претседателот Барак Обама. Санторум го обвини Обама дека е арогантен и не сака да чуе дека американскиот народ е против владината помош за финансискиот сектор и реформата на здравствената заштита.
Санторум победи и во Колорадо со 40% од гласовите, пред Ромни со 35% и поранешниот претседател на Претставничкиот дом Њут Гингрич со 13%. Ромни победи со голема разлика во Колорадо на претходните прелиминарни републикански избори во 2008-ма.
Тројната победа на Санторум нанесе значителен удар на статусот на Ромни дека е фаворит да ја освои републиканската номинација за претседателските избори. Ромни му честиташе на Санторум, но кажа дека на крајот очекува да биде кандидатот кој ќе се спротистави на Обама.