Линкови за пристапност

Средба Обама-Нетанјаху за иранската нуклеарна програма


Вашингтон попрво е за дипломатско решение отколку за употреба на сила.

Американскиот претседател Барак Обама денес е домаќин на израелскиот премиер Бенџамин Нетанјаху со кого ќе разговара за иранската нуклеарна програма, ден откако изјави дека попрво е за дипломатско решение отколку за употреба на сила.

Средбата во Белата куќа доаѓа во време на нарасната загриженост во светот поради иранската нуклеарна програма и евентуалната израелска превентивна акција.

Во говорот пред влијателниот Американско-израелски комитет за јавни прашања (АИПАЦ), Обама вчера инсистираше дека сега е време да се остави „нараснатиот притисок да си го стори своето“ и да се одржи широката меѓународна коалиција која е против тоа Иран да поседува нуклеарно оружје. Според Обама, веќе има „премногу општо говорење за војна“ против Иран, но тој ја реафирмираше својата заложба да ја спречи земјата да дојде до нуклеарно оружје, па дури и со армиска акција, ако биде потребно.

Нетанјаху вчера изјави дека го цени коментарот на Обама дека „сите опции се на масата“ и дека Израел мора да биде подготвен да се одбрани од каква и да е закана. Тој ќе говори пред АИПАК подоцна денеска.

Обама вчера рече дека говорењето за армиска интервенција само оди во корист на Иран со тоа што ја зголемува цената на нафтата, од која, пак, иранската влада наголемо зависи за да може да ја финансира својата нуклеарна програма.

Републиканските претседателски кандидати Мит Ромни, Рик Санторум и Њут Гингрич треба да говорат пред АИПАК во вторник. Сите тие вчера ја критикува политиката на Обама кон Иран.

Поранешниот сенатор Санторум кажа дека Иран без нуклеарно оружје е „најдоброто нешто“ што би можело да му се случи на светскиот пазар. Поранешниот гувернер на масачусетс Ромни смета дека доколку Обама биде повторно избран за претседател, „Иран ќе дојде до нуклеарно оружје“.

Иранското нукларно прашање беше главно на дневниот ред на вчерашната средба на Обама со израелскиот претседател Шимон Перез. Тие разговарале и како да го унапредат израелско-палестинскиот мировен процес и за билатералната дипломатска и безбедносна соработка.

Израел и западните сили го обвинуваат Иран дека развива нуклеарно оружје под параванот на цивилна енергетска програма. Техеран го негира тврдењето и во повеќе наврати најавува дека е подготвен за дијалог, но поставува услови за тоа.

XS
SM
MD
LG