По речиси еден месец без републиканска дебата, четворицата преостанати натпреварувачи излегоа на бина во Меса, Аризона, за дебата што опфати широка лепеза на прашања вклучувајќи даноци, владини трошоци и илегална имиграција.
Но кон крајот на дебатата се навлезе во надворешната политика и особено како САД треба да се справат со иранските нуклеарни амбиции.
Тројца од четворицата републикански кандидати зазедоа цврст став спрема Иран и ја критикуваа администрацијата на Обама за неправење доволно за вршење притисок врз Техеран за неговата нуклеарна програма.
Меѓу нив беше и поранешниот сенатор од Пенсилванија Рик Санторум, кој сега води во националните истражувања на јавно мислење:
„Кога тие одат против опасен теократски режим што може да ја збрише државата Израел, што сака да доминира во радикалниот исламски свет и се насочува кон „Големата Сатана“, САД, ние ништо не правиме. Тоа е претседател што мора да замине и вие сакате лидер кој им одговори на тоа. Јас тоа ќе го сторам“.
Главниот ривал на Санторум е поранешниот гувернер на Масачусетс Мит Ромни кој се соочува со критичен предизвик наредната недела на прелиминарните избори во Мичиген, државата каде Ромни пораснал.
Ромни исто така зазеде цврст став за американската политика спрема Иран.
„Но ништо според мене не е толку сериозна грешка како непостапувањето соодветно со Иран. Овој претседател треба да постави санкции што Иран навистина ќе ги почувствува. Тој тоа не го прави“.
Поранешниот спикер на Претставничкиот дом Њут Гингрич падна назад во анкетите, но сепак останува во трката. Гингрич се надева да има напредок на 6-ти март кога ќе гласа неговата држава Џорџа и други девет други сојузни држави на таканаречениот супер-вторник.
Гингрич исто така се залага за свст став спрема Иран:
„Ако мислите дека лудак е на пат да дојде до нуклеарно оружје и мислите дека тој лудак ќе го употреби тоа нуклеарно оружје, тогаш имата целосна морална обврска да ги браните животите на својот народ со елиминирање на капацитетот да дојде до никлеарно оружје“.
Само еден од четворицата републикански кандидати имаше поинаков став во однос на иранската политика. Тексашкиот конгресмен Рон Пол се противи на војните во Ирак и Авганистан и вели дека нема да биде за воено инволвирање во Блискиот исток.
„Не се согласувам зашто ние не знаеме дали тие имаат нуклеарно оружје. Нема доказ за тоа. Израел нема и ние немаме. Не сакам тие да имаат оружје но мислам дека тоа што ние го правиме е охрабрување да дојдат до оружје зашто се чувствуваат под закана“.
Дебатата беше последна за кандидатите пред прелиминарните избори следниот вторник во Аризона и Мичиген, и десетте натпревари на супер-вторникот на 6-ти март.
До сега тројца од четворицата кандидати победија на барем едно прелиминарно гласање или кокус но ниеден не востанови конзистентен политички моментум или добил голем предност во број на освоени делегати што би било решавачко за победа на партиската претседателска номинирачка конвенција во Тампа, Флорида, кон крајот на август.
Политичките стручњаци велат ако трендот продолжи републиканската трка може да оди до крајот на прелиминарната сезона на почетокот на јуни.