Линкови за пристапност

Туристичките агенции од Северна Македонија ги откажуваат аранжманите за Израел


Патниците чекаат на аеродромот Бен Гурион во близина на Тел Авив, Израел, на 7 октомври 2023 година, во моменти кога летовите се откажани поради ненадејниот напад на Хамас.
Патниците чекаат на аеродромот Бен Гурион во близина на Тел Авив, Израел, на 7 октомври 2023 година, во моменти кога летовите се откажани поради ненадејниот напад на Хамас.

Македонските граѓани кои се заглавени во Израел бараат начини како да се вратат дома. Дел од нив се вратија со организираните летови на соседните држави. На туристи од македонската амбасада им било ветувано комерцијален лет од Скопје, кој сè уште го чекаат.

Македонските агенции ги откажуваат патувањата за Израел, кои се едни од најпопуларните. Од туристичката агенција Орфеј, кои редовно организираат аранжмани со посета на светите места во Израел и Палестинските територии, велат дека ги известиле клиентите, кои имале резервирано патување во октомври, дека турата се откажува, иако имаат планирани тури и во месеците ноември, декември и јануари.

„За наредните месец дена се откажани аранжманите, а во зависност од ситуацијата во Израел ќе се носат одлуки, што понатаму. Турата која требаше да биде организирана од 20 до 24 октомври, известени се патниците дека истата се откажува, иако интересот беше голем. Последната тура ни беше во месец септември“, велат од Орфеј за Глас на Америка.

Дополнително и авио компаниите од ден за ден ги откажуваат редовните летови до аеродромот во Тел Авив. Ниско буџетните „Виз Ер“ и „Рајанер“ веќе објавија дека ги откажуваат своите летови до Тел Авив.

Во меѓувреме македонските граѓани кои се заглавени во Израел, бараат начини како да се вратат назад дома. Оние кои го направија веќе тоа, се вратија со специјалните летови, кои ги организираа некои од соседните држави, како Албанија, Црна Гора, Србија.

Дејан Бошковски, кој пред еден месец туристички дошол во Израел, вели дека им било ветено од македонската амбасада во Тел Авив, дека за најмногу три дена ќе има комерцијален лет од Скопје.

Од амбасадата ни кажаа дека во наредните ден, два, најмногу до три дена, би требало да пристигне комерцијален лет.
Дејан Бошковски, Македонец во Израел.

„Имаме контакти со македонската амбасада во Тел Авив. Не контактираа сите и доколку познаваме некој што не е контактиран, ни дадоа инструкции да ги пријавиме, за доколку биде организиран лет од страна на нашата Влада, да се вратиме назад во Македонија. Од амбасадата ни кажаа дека во наредните ден, два, најмногу до три дена, би требало да пристигне комерцијален лет, специјално само за нас за да не евакуираат сите Македонци, кои сакаме да се вратиме во Македонија“, вели Бошковски, Македонец заглавен во Израел.

Дејан вели дека испраќањето на авион требало да се случи порано.

„Можеби требало да биде порано, отколку сега како што е најавено за ден, два или три. Србија, Црна Гора уште вториот ден ги повлекоа своите од Израел. Ние веќе сме подолго време и се создава паника меѓу луѓето, бидејќи Србите отидоа, Црногорците отидоа, ние Македонците меѓу себе контактираме, што ќе правиме и како ќе правиме. Мислам дека ќе биде решено тоа прашање и дека ќе пуштат комерцијален лет“.

Раскажува дека состојбата е загрижувачка, поради пукотниците и детонациите кои се слушале, а кои биле упатени кон Израел.

„Среќа е тоа што Израел има добар одбранбен систем. Ракетите се уништуваат и не се дозволува да паднат на израелска страна. Овде моментално функционираат само продавници, пекари, амбуланти и јавен превоз. Фабриките не функционираат по инструкции од самата држава да нема многу движење на народот поради ситуацијата. На секое пуштање бомба, се пуштаат сирените, и треба да се симнеме веднаш во скривниците“, вели Бошковски.

Наспроти македонската Влада, која искажа јасна поддршка за Израел, партијата Левица изразува солидарност со палестинскиот народ. Апелираат на мир од двете страни.

„Премолчувањето на бројните воени злосторства, репресии, окупации на палестински територии, во период подолг од педесетина години, резултира со ново разгорување на конфликт, кој практично никогаш и не бил прекинат. Воено послабата палестинска страна, по бројните репресии и напади на верски објекти и семејни имоти, влезе во нова борба против израелските окупациски сили, која како и секоја претходна ќе заврши со огромен број на невини жртви, убиени жени и деца - сето тоа пред очите на јавност. Реакцијата на Палестинците е резултат на проблемот кој меѓународните институции со децении не го решаваат. Палестинскиот народ има право на своја држава. Палестинскиот народ заслужува слободно да живее. Палестинскиот народ е жртва на израелските окупациски сили и премолчувањето пред неправдата од светската јавност и меѓународните институции“, велат од Левица.

XS
SM
MD
LG