Се зголемува бројот на македонски државјани кои бараат асистенција од државата за да го напуштат Израел кој е во воена состојба по инвазијата на Хамас. Веќе 100 граѓани, наспроти вчерашните 50, контактирале со амбасадата во Тел Авив, или со централата на МНР во Скопје за да побараат помош за безбедно напуштање на подрачјето зафатено со борбите меѓу припадниците на Хамас и израелските безбедносни сили.
„Амбасадата на Северна Македонија во Тел Авив, во тесна координација со кризниот штаб во Министерството за надворешни работи, активно работат на враќање на уште 100 наши државјани, кои побарале помош за напуштање на Израел и кои, во најголем дел, се наоѓаат на безбедни локации. Дел од нив веќе имаат обезбедено билети преку редовните летови кои се активни преку меѓународниот аеродром во Тел Авив кој е во целосна функција. Дел од нив се наоѓаат во подрачја кои беа зафатени со насилните дејства и се сметаат за небезбедни. Затоа веќе е обезбеден внатрешен транспорт низ територијата на Израел за нивно префрлување на безбедна локација, од каде би можеле да бидат упатени кон дома. Меѓу нив се и двајца наши државјани во Појасот Газа, за чие извлекување е задолжена Амбасадата во Каиро која е во директна комуникација со Министерството за надворешни работи на Египет“, соопштуваат од МНР.
Синоќа и денеска наутро, преку различни транспортни канали, уште десет македонски државјани го напуштиле Израел - четири со лет до Атина, петмина полетале за Подгорица, а едно лице со заминало за Истанбул. Со ове десет, вкупната бројка на граѓани кои во изминатите два дена заминале од Израел е повеќе од 30.
Проценките на кризниот штаб се дека на територијата на Израел има околу 200 македонски државјани. Поголемиот дел од нив се лоцирани, се во редовна комункација со дипломатската мрежа во Израел и во околните земји и се бараат начини за нивно безбедно извлекување. Дотогаш остануваат повиците до македонските граѓани да ги следат препораките на надлежните израелски институции.