Грција и Турција денес се согласија да ги обноват разговорите и мерките за градење доверба, поздравувајќи ја новата „позитивна клима“ во врските по повеќе од една година тензии меѓу историските непријатели.
Двата НАТО сојузника со децении се во несогласувања за низа прашања, вклучително каде почнуваат и завршуваат нивните континентални гребени, енергетските ресурси, прелетите над Егејското Море и етнички поделениот Кипар.
Минатата година, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ги прекина билатералните разговори во спорот за прекршување на воздушниот простор и откако го обвини грчкиот премиер Киријакос Мицотакис дека врши притисок врз САД да ја блокираат продажбата на борбени авиони Ф16 на Турција.
Односите се подобрија кога Грција стана една од првите земји што испрати спасувачки работници за да помогнат во извлекувањето на преживеаните од урнатините по разорниот земјотрес што ја погоди Турција во февруари.
Ердоган и Мицотакис, обајцата неодамна реизбрани, се состанаа на маргините на Самитот на НАТО во Вилнус денес, на нивната прва средба од март минатата година.
„Во корист на двете земји е што позитивната клима формирана во билатералните односи во последните месеци има континуитет и конзистентност“, се вели во идентични, но одвоени изјави на двајцата лидери.
„Двете страни се согласија да се надоврзат на позитивниот моментум и да активираат повеќе канали за комуникација меѓу двете земји во наредниот период“, рекоа тие, додавајќи дека двајцата лидери со нетрпение очекуваат „почести контакти на сите нивоа“.
Тие, исто така, се согласија следниот состанок на Советот за соработка на високо ниво, механизам што двете земји го формираа во 2010 година за нивно зближување, да се одржи во Солун наесен.
„Ние сме внимателни оптимисти дека можеме да свртиме нова страница“, им рече Мицотакис на новинарите по самитот.
Извор: Ројтерс