Линкови за пристапност

Бајден има намера да продолжи со трансфер на Ф16 на Турција, рече Саливан


Сепак, тензиите меѓу Турција и другата членка на НАТО, Грција - која сака да купи авиони Ф35 од САД, може да биде камен на сопнување за продажбата на Ф16
Сепак, тензиите меѓу Турција и другата членка на НАТО, Грција - која сака да купи авиони Ф35 од САД, може да биде камен на сопнување за продажбата на Ф16

Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден ќе оди понатаму со трансферот на борбени авиони Ф16 во Турција во консултација со Конгресот, изјави во вторникот советникот за национална безбедност Џејк Саливан, еден ден откако Анкара даде зелено светло Шведска да се приклучи на НАТО.

Турција, која беше главната пречка на патот на Шведска кон алијансата, побара во октомври 2021 година да купи ловци Ф16 во вредност од 20 милијарди долари и речиси 80 комплети за модернизација за нејзините постоечки воени авиони.

Говорејќи пред самитот на лидерите на НАТО во Литванија, Саливан рече дека Бајден „бил јасен дека го поддржува трансферот“.

„Тој не постави никакви забелешки за ова... Тој има намера да продолжи со тој трансфер“, изјави Саливан за новинарите, без да даде детали за времето.

Претседателот на Комитетот за надворешни работи на Сенатот на САД Боб Менендез, демократ кој ја блокираше продажбата на Ф16, во понеделникот рече дека разговара со администрацијата на Бајден за неговото задржување и дека може да донесе одлука „во текот на следната недела“.

Портпаролот на Стејт департментот Метју Милер рече дека државниот секретар Ентони Блинкен разговарал со турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан и членовите на Конгресот, вклучително и Менендез, во последните недели.

„И како што рече денеска советникот за национална безбедност, ние ќе продолжиме со таа продажба, за која ние разбираме дека треба да биде одобрена од клучните членови на Конгресот“, рече тој на дневниот брифинг со новинарите.

Блинкен го притиснал Фидан за приемот на Шведска во НАТО за време на разговорите во средата и саботата, според извештаите на Стејт департментот.

Тој повторно разговараше со Фидан во понеделникот, неколку часа пред турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган да објави дека се согласил да го одобри приемот на Шведска.

„Нема да ги окарактеризирам тие разговори освен да кажам дека секогаш сме ставиле јасно до знаење дека сме ја поддржувале продажбата на Ф16 на Турција и ќе продолжиме да го правиме тоа“, рече Милер.

Сепак, тензиите меѓу Турција и другата членка на НАТО, Грција - која сака да купи авиони Ф35 од САД, може да биде камен на сопнување за продажбата на Ф16.

Блинкен во петокот разговараше и со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис.

Менендез рече дека има загриженост во врска со Турција, вклучувајќи ги и човековите права и турските прелети над грчкиот воздушен простор.

Извор: Ројтерс

XS
SM
MD
LG