Линкови за пристапност

Трамп ја комплетира победата со освоени 312 електорски гласови, наспрема 226 за Харис


Победата на Доналд Трамп, како 47-ми новоизбран претседател на САД се потврди со неговото освојување на електорските гласови и од Аризона. Фото: Говор на Трамп во Темпи, Аризона, на 24 октомври 2024 година
Победата на Доналд Трамп, како 47-ми новоизбран претседател на САД се потврди со неговото освојување на електорските гласови и од Аризона. Фото: Говор на Трамп во Темпи, Аризона, на 24 октомври 2024 година

Со освојувањето на Аризона, републиканскиот кандидат Доналд Трамп ја потврди победата како новоизбран 47-ми претседател на САД. Според проекциите на медиумските мрежи, Трамп освои 312 електорски гласови, наспрема 226 за демократската кандидатка Камала Харис

Со освојување на гласовите во сојузната држава Аризона, која важеше за една од неизвесните држави, Доналд Трамп, новоизбраниот претседател на САД ја комплетира победата со освоени 312 електорски гласови, наспрема 226 електорски гласови за неговата противкандидатка, Камала Харис, проектираа американските медиуми.

На изборите во 2020 година, токму гласовите од Аризона беа клучни за победата на демократот и актуелен претседател на САД, Џо Бајден. Според проектираниот резултат, Трамп на минатонеделните избори во Аризона ги освои максиналните 11 електорски гласови.

Трамп на минатонеделните избори победи и според гласовите на избирачите, со разлика од околу четири милиони гласови, во споредба со Харис.

Републиканците веќе ја вратија контролата врз Сенатот и имаат добри изгледи го задржат мнозинството и во Претставничкиот дом, благодарение на поддршката од гласачите од белата работничка класа, како и од голем дел од латино заедницата во САД.

Останатите шест сојузни држави од претседателската трка, каде резултатот беше неизвесен, а во кои сепак Трамп победи се Пенсилванија, Висконсин, Мичиген, Северна Каролина, Невада и Џорџија.

Претседателот Џо Бајден потврди дека ќе се сретне со Доналд Трамп во Белата куќа во текот на претстојната недела. Фото: Бајден на неделна католичка миса во Делавер, 9 ноември, 2024
Претседателот Џо Бајден потврди дека ќе се сретне со Доналд Трамп во Белата куќа во текот на претстојната недела. Фото: Бајден на неделна католичка миса во Делавер, 9 ноември, 2024

Белата куќа деновиве соопшти дека Бајден ќе се сретне со новоизбраниот претседател во Белата куќа во среда.

Овој тип на средба меѓу претседателите во заминување и доаѓањето се сметаше за вообичаен во САД. Но, Трамп не го покани Бајден на средба после изборите во 2020 година, откако изнесе тврдења за наводна изборна измама што кулминираше со немирите во Капитол на 6 јануари 2021 година.

Трамп, исто така, ја прекрши традицијата со тоа што ја прескокна инаугурацијата на Бајден. Сепак, Белата куќа деновиве соопшти дека демократскиот претседател ќе присуствува на претстојната церемонија за инаугурација на Трамп.

Поддржувачи на републиканците ја слават победата на Трамп во Њујорк, на 6 ноември 2024
Поддржувачи на републиканците ја слават победата на Трамп во Њујорк, на 6 ноември 2024

Средбата на Бајден со Трамп ќе се одржи во Овалната соба, соопшти вчера Белата куќа.

Излезните анкети покажаа дека главната грижа на гласачите останаа економијата и инфлацијата.

Во меѓувреме, во САД, не стивнуваат реакциите после изборите на 5 ноември. Особено превирања има во редовите на демократите кои ја бараат вината за поразувачкиот резултат.

Поранешната претседателка на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, го обвини Бајден, велејќи за „Њујорк тајмс“ дека „доколку претседателот излегол порано од трката за претседател, можеби ќе имало други кандидати во трката“.

Додека демократите одмеруваат што тргнало наопаку, Трамп почна да ја собира својата втора администрација со именување на менаџерката на кампањата Сузи Вајлс да биде шефица на неговиот кабинет во Белата куќа.

Таа е првата жена што е именувана за улогата на висок профил и првото назначување на републиканецот во неговата администрација.

Делови од оваа објава се преземени од Асошиејтед прес.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG