Пукањето врз претпоставениот републикански претседателски кандидат Доналд Трамп на митинг во саботата веднаш наиде на осуда од американските законодавци од двете партии.
„Овој ужасен чин на политичко насилство на мирен предизборен митинг нема место во оваа земја и треба едногласно и биде осудено“, рече спикерот на Претставничкиот дом Мајк Џонсон.
Само неколку минути откако Трамп беше извлечен од местото на настанот и одведен на безбедно во Батлер, Пенсилванија, многу републиканци во Конгресот објавија на платформата на социјалните мрежи Х, порано Твитер, фотографија на Асошиетед прес на поранешниот претседател видливо крвав, но сè уште на нозе, кревајќи ја тупаницата во воздух додека го опкружуваат агенти од Тајната служба за негова заштита.
Еден од фаворитите на Трамп за потпретседател, републиканскиот сенатор Марко Рубио ја објави фотографијата на АП на Х, пишувајќи „Господ го заштити претседателот Трамп“.
Републиканскиот сенатор Тед Круз, исто така, ја објави фотографијата на X, нарекувајќи го одговорот на Трамп „Извонреден. Господ да го благослови претседателот Трамп“.
Демократското раководство на Сенатот и Претставничкиот дом брзо го осудија политичкото насилство.
„Згрозен сум од она што се случи на митингот на Трамп во Пенсилванија и ми олесна што поранешниот претседател Трамп е безбеден. Политичкото насилство нема место во нашата земја“, рече лидерот на мнозинството во Сенатот Чак Шумер на X.
Водачот на демократите во Претставничкиот дом, Хаким Џефрис, напиша на X: „Америка е демократија. Политичкото насилство од кој било вид никогаш не е прифатливо“.
Поранешниот претседател се обрати пред толпата поддржувачи пред почетокот на Републиканската национална конвенција во Милвоки што почнува во понеделник. Трамп треба официјално да биде номиниран од неговата партија на конвенцијата, каде што обезбедувањето е исклучително силно.
Водачот на малцинството во Сенатот Мич Меконел рече: „Вечерва сите Американци се благодарни што се чини дека претседателот Трамп е добро по одвратниот напад на мирен митинг. Насилството нема место во нашата политика“.
Демократскиот претставник Џаред Хафман, кој формираше група против Проектот 2025, што е збир на конзервативни предлози за политиката на втора администрација на Трамп, напиша на X: „Сите ние, без разлика на нашата политика, мора да го осудиме ова и да работиме на ставање крај на злото на политичко насилство. НИКОГАШ не е оправдано. НИКОГАШ не е во ред.”
Стрелецот и едно лице кое присуствувало на собирот се известува дека се мртви, додека друго лице од присутните наводно е во критична состојба.