Низа реакции од политички партии и здруженија стигнаа денеска, ден по присуството и настапот на претседателот на Република Српска, Милорад Додик, на свечената светосавска Академија, вчеравечер во Скопје.
Пораките што од Македонскиот народен театар ги испорача човекот кој со години е на американската „црна листа“ поради коруптивни и активности за дестабилизација на регионот и личност која отворено ги поддржува политиките на официјален Кремљ, вознемири дел од политичките актери во земјава. Критиките се зошто и како Додик воопшто добил покана за настанот на кој, меѓу другото, присуствуваа и премиерот и лидерот на опозицијата.
Како е можно човек изолиран од демократскиот свет, кој шири поделби и омраза, да биде официјално пречекан од влада која тврди дека ги претставува евроатлантските вредности и меѓуетничкиот мир“Дијана Тоска, ДУИ
„Со чин кој ги надминува сите граници на моралот и политичката логика, во зградата која треба да го симболизира Охридскиот договор и меѓуетничката хармонија, беше пречекан и почестен Милорад Додик – продолжената рака на Владимир Путин, човекот кој работи за поделба на Босна и Херцеговина и човекот кој го величи нечовечниот масакр во Сребреница. Како е можно човек изолиран од демократскиот свет, кој шири поделби и омраза, да биде официјално пречекан од влада која тврди дека ги претставува евроатлантските вредности и меѓуетничкиот мир“, велат од опозициската ДУИ, изјави Дијана Тоска од ДУИ.
Реагираат и од Бошњачкиот демократски сојуз прашувајќи како вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоиљковиќ, го удостоил Додик во неговиот кабинет.
„Ова е огромен удар за угледот на нашата земја во меѓународната заедница со што се поставува прашањето дали оваа Влада воопшто негува европски вредности во контекст на почитување на човековите права и слободи и цивилизациски вредности утврдени со меѓународните акти, врз основа кои се осудени одредени лица, а со чија глорификација и говор на омраза Додиќ направи и се уште ја одржува својата политичка кариера!“, велат од Бошњачкиот сојуз.
Премиерот на Северна Македонија Мицкоски, денеска реагираше дека не очекувал Додик да го злоупотреби настанот.
„Во делот на договорот за анти-НАТО, категорично го отфрлам и не се сложувам. Не очекував дека тој ќе го злоупотреби настанот.“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
А што точно Додик синоќа кажа во Скопје - познати анти-НАТО, анти-американски и анти-ЕУ пораки.
Српскиот народ, на кој иако се обидуваат да му стават етикети од минатата граѓанска војна во Босна и Херцеговина, не ги извалка рацете. Лажат кога зборуваат за геноцид или за било што друго.Милорад Додик, претседател на Република Српска
„Нашата историја секогаш била на страната на победниците, чесни победи низ историјата. Српскиот народ, на кој иако се обидуваат да му стават етикети од минатата граѓанска војна во Босна и Херцеговина, не ги извалка рацете. Лажат кога зборуваат за геноцид или за било што друго. За жал, се случи војна во која умираа сите, а лажеа кога говореа дека ние убивме 300 000 припадници на друг народ. На база на лаги кои тогаш ги пласираа Бајден и неговата администрација, тие направија конфликт со нас во Република Српска и не сакаат ниту денес да не пуштат да живееме на слобода.“, истакна претседателот на Република Српска Милорад Додик.
Не недостасуваа ниту пораки на поддршка за Путин искажани од Скопје, главниот град на земја-членка на НАТО.
„Владимир Путин и раководството направија се што е можно за да ги одбранат националните и државните интереси и тоа во вистински момент и време, притоа, за жал со настрадани во конфликтот, но Русија не смееше да дозволи НАТО да се постави на позицја од каде може Москва да се загрози. Ние го почитуваме изборот на Македонија и политичките насоки по кои се движи, но, ние Србите, по бомбардирањето од страна на НАТО, не можеме да бидеме членки на НАТО, ниту Србија, ниту Република Српска тоа го сакаат. Ние сме на европскиот пат, но гледаме дека таа Европа најмногу се посрамоти со Македонија која направи многу отстапки, а за возврат доби малку од Европа и мораме еден ден да застанеме и да размислиме дали овој пат треба да продолжи, бидејќи што ни дава Европа?, истакна претседателот на Република Српска Милорад Додик.
На настанот беа и двајца министри во владата на Србија – за одбрана Братислав Гашиќ и за култура Никола Селаковиќ чиј премиер, Милош Вучевиќ, денеска поднесе оставка по неколкунеделните масовни протести во земјата кои се резултат на незадоволството од владеењето на СНС на Александар Вучиќ.
„Господине Гашиќ, дозволете ми во името на Србите во Македонија да пренесам целосна и толку огромна поддршка до претседателот Вучиќ, да продолжи со политиката на мир, стабилност и развој на регионот, а на некој начин мирот и стабилноста на Србија е предуслов за економскиот развој на Србија, а како таков економски развој, тој е погоден и за сите земји во регионот и таа политика мора да продолжи и понатаму.“, истакна Иван Стоиљковиќ, вицепремиер и министер за односи меѓу заедниците.
Во МНТ беше и српскиот патријарх Порфириј, претседателот на црногорскиот парламент Мандиќ, но и рускиот амбасадор во Скопје, Сергеј Баздникин, чија земја веќе три години води воена агресија против Украина.