Володимир Зеленски стана претседател на Украина во мај 2019 година, освојувајќи повеќе од 73 отсто од гласовите.
Веднаш по изборите, неговата поддршка беше рекорд за Украина, вели Антон Хрушецки, извршен директор на Киевскиот меѓународен институт за социологија.
„Околу 90% му веруваа на претседателот, но тогаш овој индикатор падна на 35% во пресрет на руската инвазија во 2022 година“, вели Хрушецки и додава дека веднаш по инвазијата, поддршката за Зеленски пораснала на 90 отсто во анкетата на Киевскиот меѓународен институт за социологија.
Последното истражување беше спроведено на почетокот на февруари.
„Во моментов, 57 отсто од Украинците му веруваат на Зеленски, а 37 отсто не“, вели Хрушецки.
Намалувањето на поддршката е сосема вообичаено за украинското општество, вели Олга Аивазовска, претседателка на одборот на групата за промовирање на демократија - Граѓанска мрежа ОПОРА.
„Украинското општество е уникатно. Тоа, во принцип, не ја поддржува владата. За целиот период на независност, само еден претседател е реизбран двапати, така што сегашниот рејтинг на претседателот е доста висок. На крајот од мандатот на Јушченко, неговиот рејтинг беше околу 5%.“, посочува Аивазовска.
Виктор Јушченко беше тргнат од функцијата во 2010 година. Но, рејтингот на Зеленски, каков и да е, не е причина сега да се зборува за претседателски избори, вели украинскиот политиколог Микола Давидјук.
„Замрзнување на војната, завршување на војната, постигнување мирни спогодби, ова е причина да се зборува за избори“, вели Давидјук.
Претседателскиот мандат на Зеленски ќе беше завршен минатата година да не беше војната. Украинскиот закон забранува избори во време на воена состојба.
„Од организациски аспект, одржувањето на изборите е многу тежок процес, бидејќи границата на фронтот не е стабилна. Нивото на закана од Русија за кој било регион на Украина е исклучително високо“, вели Аивазовска.
ОПОРА ги следи изборите во Украина веќе 20 години. Аивазовска вели дека на Украина ѝ треба најмалку една година од прекинот на огнот за да започне изборна кампања.
„На земјава ѝ се потребни безбедносни гаранции и решение како да се организира гласањето за воените лица и бегалците“, вели Аивазовска.
„Имаме 7,5 милиони граѓани во странство, од кои 65 отсто имаат право на глас. Ако започнеме избори, мора да има гаранција дека ќе го завршиме овој процес бидејќи ракетен напад на денот на изборите ќе доведе до пад на излезноста на 5-10%“, укажува Аивазовска.
Тоа може да доведе до целосно поништување на легитомноста на владата, што Русија ќе го искористи, вели Аивазовска.
Давидјук се согласува.
„Постои желба да се сменат властите. Но, во исто време, постои консензус: тоа не може да се направи за време на војната, од една причина: Путин ќе го искористи тоа“, смета Давидјук.
Според анкетата на Киевскиот меѓународен институт за социологија, околу 70 отсто од Украинците се против избори во активната фаза на војната.
Facebook Forum