Линкови за пристапност

Сопругата на Навални рече дека ќе ја продолжи борбата на нејзиниот сопруг против Путин


Во деветминутната видеопорака исполнета со бес, Навалнаја (47) го обвини Путин дека го убил нејзиниот сопруг
Во деветминутната видеопорака исполнета со бес, Навалнаја (47) го обвини Путин дека го убил нејзиниот сопруг

Сопругата на Алексеј Навални Јулија Навалнаја денес рече дека ќе ја продолжи борбата на нејзиниот сопруг за „слободна Русија“ и ги повика приврзаниците да му се спротивстават на претседателот Владимир Путин со поголем бес од кога било.

Повикот на Навалнаја од странство за отпор кон Путин доаѓа на помалку од еден месец пред претседателските избори, кои речиси сигурно ќе му дадат на шефот на Кремљ уште еден шестгодишен мандат.

Во деветминутната видеопорака исполнета со бес, Навалнаја (47) го обвини Путин дека го убил нејзиниот сопруг.

„Сакам да живеам во слободна Русија, сакам да изградам слободна Русија“, рече Навалнаја во видеопораката со наслов „Ќе ја продолжам работата на Алексеј Навални“.

„Ве молам да го споделите бесот со мене. Бес, гнев, омраза кон оние кои се осмелија да ја убијат нашата иднина“, рече таа.

Не беше јасно од каде зборува, но не беше во Русија. Навалнаја присуствуваше на состанокот на министрите за надворешни работи на Европската унија денес во Брисел, на кој се разгледуваше воведување дополнителни санкции кон Русија поради смртта на нејзиниот сопруг.

Британија, исто така, се закани со неодредени последици за Русија.

Спротивно на тоа, Доналд Трамп, кој привлече критики како претседател на САД за неговите пофалби за Путин, го даде својот прв јавен коментар за смртта на Навални, но не фрли вина.

Навалнаја ги обвини руските власти дека го криеле трупот на Навални и дека чекале да исчезнат трагите од нервниот агенс новичок од неговото тело.

Таа не даде никакви докази, но рече дека нејзиниот тим ќе објави детали за тоа кој го убил нејзиниот сопруг.

„Владимир Путин го уби мојот сопруг“, рече Навалнаја.

„Со убиството на Алексеј, Путин уби половина од мене - половина од моето срце и половина од мојата душа. Но, сè уште ја имам другата половина и тоа ми кажува дека немам право да се откажам. Ќе ја продолжам работата на Алексеј Навални, ќе продолжам да се борам за нашата земја“.

Тестовите на телото на Навални ќе траат 14 дена за да се завршат, изјави во понеделникот Иван Жданов, сојузник, цитирајќи истражител.

Навални (47) паднал во несвест и ненадејно починал во петокот по прошетка во казнената колонија, каде што издржуваше тридецениска казна, соопшти затворската служба.

Западот и поддржувачите на Навални велат дека Путин е одговорен за смртта на Навални.

Кремљ негираше вмешаност и рече дека западните тврдења оти Путин е одговорен се неприфатливи.

Путин не даде јавен коментар за смртта на Навални, но тоа дополнително го продлабочи расколот во односите меѓу Москва и Западот, предизвикан од речиси двегодишната војна во Украина.

Запрашан од новинарите денес како Путин реагирал на веста за смртта, неговиот портпарол Дмитриј Песков рече: „Немам што да додадам“.

XS
SM
MD
LG