Затворските власти во Русија соопштија дека лидерот на опозицијата, 47-годишниот Алексеј Навални е мртов.
Официјалната изјава не е независно потврдена.
Руските медиуми цитираа официјални лица на Федералната затворска служба дека Навални, жесток противник на претседателот Владимир Путин, починал во петокот во централна Русија, откако му се слошило за време на прошетка.
Тие велат дека бил повикан медицински персонал, но не можеле да го реанимираат.
Официјални лица велат дека е започната истрага за да се утврди причината за смртта на лидерот на опозицијата.
Навални отслужуваше 19-годишна затворска казна под обвинение за екстремизам.
Тој беше преместен од неговиот поранешен затвор во Владимирската област во централна Русија во казнена колонија со максимална безбедност во градот Харп, во регионот Јамало-Ненец, околу 1.900 километри североисточно од Москва.