Линкови за пристапност

Слободата на медиумите во Северна Македонија задоволителна, забележа „Репортери без граници“


Раширените дезинформации и недостатокот на професионализам придонесуваат за опаѓање на довербата на општеството во медиумите, што ги изложува независните медиуми на закани и напади, забележува извештајот
Раширените дезинформации и недостатокот на професионализам придонесуваат за опаѓање на довербата на општеството во медиумите, што ги изложува независните медиуми на закани и напади, забележува извештајот

Северна Македонија е рангирана на 36. место во извештајот на „Репортери без граници“ за слободата на медиумите во светот за 2024 година. Извештајот ја оценува состојбата на државата како задоволителна.

„Иако новинарите не работат во непријателско опкружување, раширените дезинформации и недостатокот на професионализам придонесуваат за опаѓање на довербата на општеството во медиумите, што ги изложува независните медиуми на закани и напади“, забележува извештајот.

Во него се вели дека „владините функционери имаат тенденција да имаат лоши и понижувачки ставови кон новинарите“.

„Целокупното опкружување останува поволно за слободата на печатот, но владините агенции не се многу транспарентни и критичкото новинарство е сè повеќе подложно на напади“, се вели во однос на политичкиот контекст.

Организацијата вели дека поради силната политичка поларизација, медиумите можат да бидат под притисок на властите, политичарите и бизнисмените, и на национално и на локално ниво.

„Двете најголеми партии (на власт и во опозиција) создадоа паралелни медиумски системи врз кои го вршат своето политичко и економско влијание. Јавниот радиодифузен сервис нема уредувачка и финансиска независност“.

„Репортери без граници“ нотира дека иако уставот ја гарантира слободата на говорот и забранува цензура, „земјата бавно го усогласува законодавството за медиумите со стандардите на Европската Унија, на која има намера да се приклучи“.

Состојбата во другите држави во регионот е оценета како задоволителна (Црна Гора), тешка (Албанија и Србија), проблематична (Косово, Бугарија и Босна и Херцеговина).

Извештајот ја оценува слободата на медиумите во 180 држави во светот. САД се рангирани на 55. место. Таквата состојба е оценета како проблематична.

САД паѓаат за 10 места, како што се подготвуваат за изборите во 2024 година во услови на зголемување на недовербата во медиумите, која делумно е поттикната од отворениот антагонизам од политичките функционери, вклучително и повици за затворање новинари.

„Во неколку случаи од висок профил, локалните органи за спроведување на законот имаат спроведено застрашувачки акции, вклучително и рација во редакции и апсење новинари“, се вели во извештајот.

Во него се нотира дека слободата на печатот ширум светот е загрозена од самите луѓе кои треба да бидат нејзини гаранти - политичките власти.

„Овој наод се заснова на фактот дека, од петте показатели што се користат за составување на рангирањето, најмногу опаднат е политичкиот показател, регистрирајќи глобален просечен пад од 7,6 поени“, забележува извештајот.

Според него, владите не успеваат да го заштитат новинарството.

„Се` поголем број влади и политички власти не ја исполнуваат својата улога како гаранти на најдобрата можна средина за новинарството и за правото на јавноста за веродостојни, независни и разновидни вести и информации“.

Извештајот забележува загрижувачки пад во поддршка и почитување на медиумската автономија и зголемување на притисокот од државата или други политичките актери.

Во Источна Европа и Централна Азија, медиумската цензура се засили на неверојатен начин имитирајќи ги руските репресивни методи, особено во Белорусија (пад од 10. на 167. место), Грузија (103), Киргистан (120) и Азербејџан (пад од 13. на 164.).

Влијанието на Кремљ стигна и до Србија, се вели во извештајот.

Таму провладините медиуми пренесуваат руска пропаганда и властите им се закануваат на руските новинари во егзил.

Русија, каде Владимир Путин беше реизбран во 2024 година, продолжува да води војна во Украина, што имаше големо влијание врз медиумскиот екосистем и безбедноста на новинарите, забележа извештајот.

XS
SM
MD
LG