Линкови за пристапност

Стејт департмент: Меморандумот потпишан со Северна Македонија не е решение, туку демонстрација на волја за борба против дезинформациите


Џејмс Рубин за Гласот на Америка зборува за борбата против дезинформациите на Балканот.
Џејмс Рубин за Гласот на Америка зборува за борбата против дезинформациите на Балканот.

Дописничката на Гласот на Америка од Стејт департментот, Најки Чинг разговараше со специјалниот претставник и координатор на Центарот за глобален ангажман на Стејт департментот, Џејмс Рубин на повеќе теми, меѓу кои и за потпишаниот Меморандум за разбирање на САД со Северна Македонија, за тоа како САД се справуваат со руските дезинформации, како и за употребата на вештачката интелигенција во однос на дезинформациите.

Глас на Америка: Американскиот државен секретар Ентони Блинкен за време на сослушувањето во Сенатот на 16 мај на сенаторот Крис Марфи му рече дека Центарот за глобален ангажман работи со одделот на Стејт департментот за Кина, за да се спротивстави на дезинформациите од Кина. Секретарот Блинкен, исто така, рече дека САД сега ги прават достапни за други земји Асошиетед прес, Ројтерс и други објективни извори на информации. Можете ли да дадете повеќе детали за тоа? Кои се тие земји?

Рубин: Манипулациите со информациите се голем проблем за САД. Тоа е проблем во целиот свет. Откривме дека во некои случаи, Кина нуди бесплатни услуги за одредени новински куќи, но за возврат, бара, да не се користат други извори за вести. Ние се обидуваме да се спротивставивме на ова.

Важното е што вестите можат да се преземат, транспарентно е, така што пазарот на идеи сам може да донесува одлуки. Проблем е кога кинеската поддршка не е транспарентна, туку се одвива зад сцената, со скриени намери. И тоа што ние во Центарот за глобален ангажман го правиме е да се обидеме да обезбедиме докази за државите ширум светот кога интегритетот на нивниот информативен простор е нарушен.

Глас на Америка: САД потпишаа меморандум за разбирање со Северна Македонија за соработка во борбата против дезинформации. Што се надевате дека ќе се постигне? Дали САД спроведуваат слични договори со други земји?

Рубин: Откривме дека поради постоењето на „Русија денес“ и „Спутник“ во Србија, тоа се користи за да се мешање во Северна Македонија. Се договоривме со Владата на Северна Македонија да склучиме Меморандум за разбирање. Со овие меморандуми се воспоставува волја на друга земја да го третира проблемот со истата итност како што го третираме ние. Тоа не е решение, туку демонстрација на волја. Сега останува на нас да работиме со Владата на Северна Македонија за да им помогнеме да го следат интегритетот на својот информативен простор, да се обидеме да покажеме кога скриената рака на Русија се меша во нивниот информативен простор, да им дадеме алатки за анализирање на труењето на нивниот информативен простор. Тоа е всушност споделување на најдобрите практики за слободни медиуми, проверка на факти, градење отпорност.

Нашите партнери во Северна Македонија и другите делови на Балканот – Бугарија, Словачка – нѝ кажаа дека го препознаваат ова како голем проблем со кој тие се соочуваат, и ние сакаме да работиме со нив за да обезбедиме кога Русија или Кина или која било друга земја се меша во информативниот простор, тоа да е очигледно, да може да се припише на изворот, за да може јасно да се види влијанието на овие или други држави. Не е погрешно земјите да го презентираат своето гледиште, но тоа повеќе не треба да се крие. Треба да биде транспарентно.

Глас на Америка: Ќе има ли вакви договори со други држави на Балканот?

Рубин: Немаме план за меморандум за разбирање со други држави, но имаме намера за работа со други држави. На средби со Бугарија и Словачка, и двете страни изразија интерес да работат со нас на изградба на нивната способност слична како на Центарот за глобален ангажман. Ќе им дадеме техничка помош, ќе им дадеме поддршка, за сите да бидеме на иста страница.

Глас на Америка: Во април бевте во посета на Црна Гора, каде што предупредивте на проблемот со дезинформации со кои се соочува државата. Црна Гора ќе одржи предвремени парламентарни избори оваа недела, на 11 јуни. Дали Центарот за глобален ангажман забележа надворешно мешање во нивната внатрешна политика преку дезинформации?

Рубин: Моментално немам информации за тоа што се случува оваа недела. Тоа што го знам е дека Црна Гора порано имаше политички односи со Србија. Србија е единственото место на Балканот каде што „Русија денес“ и „Спутник“ сè уште емитуваат програма. Исто така редакциите на „Русија денес“ и „Спутник“ се достапни и на српски јазик. Значи, ако живеете во Црна Гора, можете директно да ги читате руските дезинформации, на српски, кои доаѓаат преку Србија. Не се работи толку за надворешно мешање во изборите колку што е важно да се спречи „Русија денес“ и „Спутник“ да предизвикаат штета во Црна Гора или во Северна Македонија.

Глас на Америка: Кина е обвинета и за мешање во изборите во Канада, а и во САД се приближуваат претседателските избори. Дали сте загрижени за дезинформации што би влијаеле на домашната политика во САД?

Рубин: Работата на Центарот за глобален ангажман е во странство. Се работи за обид за борба против дезинформациите и манипулациите во Африка и Азија, во Европа, во Латинска Америка. Веруваме дека САД имаат способност да ги заштитат американските избори. Но, секогаш сум загрижен кога елементи однадвор се обидуваат да се мешаат во избори, каде и да се.

Глас на Америка: Висок функционер рече дека Стејт департментот имал седници за вештачката интелигенција и дека има дискусии за импликациите на вештачката интелигенција врз надворешната политика на САД. Дали Центарот за глобален ангажман користи вештачка интелигенција за да се спротивстави на странските дезинформации и пропаганда?

Рубин: Не, колку што знам, не сме користеле алатки за вештачка интелигенција до овој момент.

Вештачката интелигенција е проблем, но дава и можности. Секоја нова технологија има големи предности, а понекогаш и негативни страни. Тоа го откривме со социјалните медиуми и со севкупната дигитална револуција. Со вештачката интелигенција ме загрижува што прави возможно за државите кои објавуваат лаги, кои објавуваат дезинформации, кои манипулираат со информациите, ја користат вештачката интелигенција за брз превод на сто различни јазици наеднаш. Тоа е нешто за што нормално би требало ангажман на стотици луѓе. Многу е тешко да се направи. Потребно е познавање на културата во различни земји. Вештачката интелигенција би овозможила на нашите противници да ја искористат таа алатка за да направат повеќе преводи за пократко време. Тоа може да е проблем.

Глас на Америка: Водачот на руската платеничка група Вагнер, Евгениј Пригожин, отворено го критикуваше највисокото раководство во Русија. Како го толкувате тоа?

Рубин: Тоа што можам да ви го кажам за г-дин Пригожин е дека понекогаш ја кажува вистината, а понекогаш преувеличува. Мислам дека ова покажува дека Русија има тешкотии во постигнувањето на своите цели, особено во Украина. Секој ден тоа е сè повеќе очигледно и сите се критикуваат едни со други бидејќи потфрлиле во нивната мисија.

XS
SM
MD
LG