Министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, за Гласот на Америка на македонски јазик во Вашингтон, изјави дека проблемот со учебниците не е од последната година, туку дека тоа е проблем што доаѓа од последните петнаесет години. Тој рече дека побарал од економскиот оператор побарал што побрзо да се достават учебниците и уверува дека истите ќе бидат доставени во наредните денови. На обвинувањата од опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека авторите се делат на партиски подобни и неподобни, Шаќири рече дека Министерството за образование и наука не е вклучено во ниту една постапка на одобрување на автори на учебници и дека за тоа е надлежна Националната комисија.
Глас на Америка: Господине Шаќири, деновиве престојувате во САД каде што имате средби со сенатори и конгресмени. Која е целта на Вашата посета во САД?
Јетон Шаќири: Знаете дека САД се наши добри пријатели во соработка во секторот образование. Заедно имаме неколку важни проекти што ги реализираме во нашата земја. Ја искористив приликата да зборувам за нашите состојби во високото образование, исто така и за веќе започнатите реформи во основното и промените што треба да се направат во средно образование. Заедно со САД реализираме неколку важни проекти, имаме заеднички проект за медиумска писменост кој е многу значаен и дел од учебните програми во основното образование. Претходно како министер во Министерството за информатичко општество и администрација започнавме неколку проекти за сајбер заканите што доаѓаат во нашата земја и заедно со таа соработка сакаме да го продолжиме и во образованието со поддршката од САД. Исто така зборувавме и за високото образование, кои се нашите можности заедно со добри високообразовни установи овде да реализираме неколку заеднички меморандуми на соработка за да имаат можност нашите студенти и исто така професорите од САД да ни бидат визитинг професори во нашите универзитети. Но, исто така, го имав и тоа задоволство да пренесам дека нашата земја од оваа студентска академска година ќе имаме повеќе Фулбрајт стипендисти студенти, со што значително го зголемивме бројот или вредноста на стипендиите за Фулбрајт. Од друга страна добив ветување дека секогаш поддршката од САД во образованието ќе ја имаме, ќе треба јавно, транспарентно да работиме и да реализираме неколку значајни проекти и на крај оваа посета ќе ја завршам во Тексас земјоделски и механички универзитет каде што ќе имам прилика да зборувам со студентите и да ги кажам нашите состојби и таму исто така имаме Фулбрајт студенти кои се во истата високообразовна установа.
Глас на Америка: Во текот на разговорот споменавте дека со САД работите на проект за медиумска писменост. Дали тоа значи дека медиумската писменост ќе стане задолжителен предмет во училиштата во Северна Македонија?
Јетон Шаќири: Заедно со Бирото за развој на образованието и УСАИД ние сме во тек на внесување, или во одредени нови учебни програми се внесени делови од медиумската писменост, но исто така ќе продолжиме постепено во целото основно, исто така и во средното образование. Добивме голема поддршка и во делот на последните случувања кои нашата земја ги реализираше во однос на случувањата кои беа во соседна Србија, за проблемите во основните училишта таму и таа поддршка преку УНИЦЕФ ја добиваме секојдневно во делот на обуките што треба да ги реализираме кај децата, кај наставниците за пријавување на ситуации на насилство за да имаме што побезбедни образовни установи. Но, исто така и медиумската писменост е значајна, бидејќи во последно време, во времето во кое ние живееме борбата за вистински вести е една од позначајните борби што може да ја има општеството.
Глас на Америка: Министре, иако учебната година одамна е веќе започната, голем дел од учениците се уште немаат добиено учебници. До каде е тој процес, кога учениците ќе добијат учебници?
Јетон Шаќири: Јас ќе ја искористам приликата да споделам со вас неколку важни информации. Знаете дека оваа учебна година или 2023 година е една од позначајните години каде што имаме еден милион и четиристотини илјади доставени учебници до сите ученици во основното образование. Еден многу значаен факт заради тоа што проблемот со учебниците не е од последната година, тоа е проблем што доаѓа од последните петнаесет години. Но, истовремено оваа учебна година ние имаме исто така и нови учебни програми. Но, многу добар факт е тоа што имавме достава на учебници од први септември, сите учебници кои беа одобрени од страна на Националната комисија и кои беа во процес за доставување, сите се доставија на први септември. Исто така, за новите програми кои се од трето одделение, кои беа доставени порано од Бирото за развој на образованието до Министерството за образование и тие се доставија од први септември. Учебниците од шесто одделение секојдневно се доставуваат. Јас знам дека не се однесуваат само за постапки од министерството, има и постапки што зависат од Националната комисија, но ме радува фактот што тоа што го кажав дека крајот на септември, почетокот на октомври и во текот на овие денови имаме достава на учебници заради тоа што во овој процес, не беше само процес на печатење на учебниците, беше и процес на одобрување на учебниците за шесто одделение, што значи дека ако можам да сумирам поразлично од претходната година, поразлично од претходните петнаесет години ние сите постапки на одобрените учебници ги имаме завршено на први септември. Но, исто така продолжуваме со печатење на учебници за средно образование, каде што во гимназиско средно образование повеќе од десет години немавме учебници, а сега имаме учебници на почетокот од септември. Исто така и во стручното образование продолживме со печатење на учебници, но знам дека за оваа проблематика ќе треба да се даде повеќе енергија, повеќе буџет за да го завршиме тоа што не е направено подолг период од петнаесет години.
Глас на Америка: Кој е крајниот рок за достава на учебниците, имате ли некоја временска рамка?
Јетон Шаќири: Зборуваме дека учебниците во основното образование од прво до деветто одделение сите се доставија. Зборуваме само за шесто одделение. Во моментов кога зборуваме и денеска има достава на учебници. Крајниот рок, јас од економскиот оператор побарав се што е можно побрзо да се доставуваат учебниците. Но, можам тоа одговорно да го кажам дека сите постапки што зависат од Министерството за образование, сите постапки се завршуваат за еден или два дена што треба, што е одговорност на Министерството за образование. Очекувам, во текот на деновиве, во некои градови веќе е завршено, во секој момент да се заврши и за учебниците од шесто одделение.
Глас на Америка: ВМРО-ДПМНЕ обвини дека ги делите авторите на учебниците на партиски подобни и неподобни, а исто така побараа и оставка од Вас. Како го коментирате ова?
Јетон Шаќири: Мислам дека искуството што тие го имаат од претходните години, од ресорот што го имаат тие водено, од тоа искуство може да зборуваат во моментов. Но, одговорно кажувам дека министерството во ниту една постапка во Националната комисија не е вклучено во процесот на одобрување на учебници. Исто така, одговорно кажувам дека после неколку изјави кажани од опозицијата, јас имав демант, од кој демант не добив одговор од страна на опозицијата, дека кога зборуваме за учебници треба да ги кажеме и реалните факти што се, заради тоа што опозицијата беше дел од тие процеси, дел од тие одобрени и печатени учебници, скапи одобрени и печатени учебници, илјада учебници, каде што јас како министер 1000 книги што беше проектот, ќе ги повикам сите медиуми заедно да ги посетиме магацините каде што тие учебници неквалитетни, преведени и печатени скапи, се уште стојат во магацините и се уште не се доставени до студентите заради тоа што тие се во високото образование. Во време на опозицијата е донесен концептот Кембриџ, каде што знаеме дека како концепт е најмногу коментиран во овој период во основното образование. Но, исто така и во фактите што ги даде опозицијата, јас, Министерството за образование и наука, најодговорно, најтранспарентно сите податоци се јавни и можат сами тие да ги проверат сите тие податоци, а не да изнесуваат неточни факти. Јас ниту еден од авторите, одговорно кажувам, Националната комисија со 17 членови, рецензентите, сите постапки се водат во Националната комисија. Ниту еден од авторите, не знам кој и како е одобрен од страна на Националната комисија и никогаш не би сакал да навлегувам во тоа, но позитивно е тоа што едно од повеќето барања што беа од авторите од претходните учебни години дека авторското право што треба да им се исплати на авторите, јас одлучив да го исплатам еднократно како начин за мотивација за да се јавуваат што повеќе автори за квалитетни учебници. И тоа излезе како добар резултат оваа учебна година каде за одредени предмети има повеќе од четири или пет доставени учебници. Тој факт ме радува, но одговорно кажувам дека ниту би посакал, ниту знам и ниту ќе навлегувам во постапките на Националната комисија.