САД воведоа санкции против шефот на групата „Вагнер“ во Мали, обвинувајќи ја руската приватна армија дека се обидува да ги прикрие нејзините напори за набавка на воена опрема за употреба во Украина и оти работи преку Мали и други земји.
Одделот за финансии на САД во соопштение го обвини Иван Александрович Маслов, кого го опиша како шеф на паравоените единици на „Вагнер“ и главен администратор на групата со седиште во Мали, дека работи во тесна координација со претставници на владата на Мали за да го изврши распоредувањето на групата во Мали.
„Санкциите на Одделот за финансии против највисокиот претставник на групата Вагнер во Мали го идентификуваат и попречуваат клучниот оперативец кој ги поддржува глобалните активности на групата“, рече во соопштение Брајан Нелсон, потсекретар за тероризам и финансиско разузнавање на Одделот за финансии.
Потегот доаѓа откако портпаролот на Стејт департментот Метју Милер во понеделникот рече дека има индиции оти „Вагнер“ се обидувал да купи воени системи од странски добавувачи и да го насочи тоа оружје преку Мали.
Марија Захарова, портпаролка на руското Министерство за надворешни работи, во средата на прес-конференција ги отфрли обвинувањата на САД како „измама“ и го повика Вашингтон да го испита ефектот од сопствениот воен извоз.
Извор: Ројтерс