НАТО денес го почнува самитот во Вашингтон со поддршка за војната на Украина против руската инвазија, која е на врвот на агендата.
Се очекува лидерите на НАТО да го финализираат планот за внесување на сегашните индивидуални национални напори за помош на војската на Украина во програма координирана од НАТО за снабдување на украинските сили.
Таа помош, исто така, треба да се прошири со нови ветувања за муниција, противвоздушна одбрана и друга помош, за да се исполнат повторените барања на украинските лидери кои велат дека им треба поголема помош за да го одбранат небото на нивната земја од воздушни напади и да ги потиснат руските сили долж линијата на фронтот.
На самитот ќе се зборува и за патот на Украина кон членство во НАТО.
Агендата денес вклучува тркалезна маса за жените, мирот и безбедноста, чиј домаќин е државниот секретар на САД Ентони Блинкен.
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг треба да се обрати на состанокот на лидерите на одбранбената индустрија и официјални лица од земјите-членки на НАТО, со дискусија како да се зајакне одбранбеното производство додека трае војната во Украина.
Зголемувањето на производството и пополнувањето на залихите на оружје и муниција се во фокусот на сојузниците во НАТО, како што тие се обидуваат да ја поддржат војската на Украина и да обезбедат дека Алијансата го има она што ѝ е потребно за сопствената одбрана.
Американскиот претседател Џо Бајден доцна денес треба да се обрати на настан по повод 75 години НАТО.
Бајден оди на самитот додека траат разговорите за неговата кампања за реизбор, по дебатата кон крајот на јуни, што предизвика обновена загриженост за неговата возраст.
Претседателот инсистира на тоа дека е способен за функцијата и дека ќе продолжи да бара нов мандат.
Сојузниците на НАТО би можеле да имаат свои прашања, со тоа што историјата на противкандидатот на Бајден, поранешниот претседател Доналд Трамп, го критикуваше НАТО и нивото на поддршката на САД за Алијансата за време на неговиот мандат.
Некои информации во текстот се од Асошиетед прес и Ројтерс