Линкови за пристапност

САД го повикаа Израел целосно да го истражи нападот во кампот во Рафа


Во напад во неделата загинаа најмалку 45 Палестинци засолнети во бегалскиот камп во Рафа, а беа ранети 200 други
Во напад во неделата загинаа најмалку 45 Палестинци засолнети во бегалскиот камп во Рафа, а беа ранети 200 други

САД изразија „длабока загриженост“ денес поради очигледниот израелски воздушен напад во неделата, во кој загинаа најмалку 45 Палестинци засолнети во бегалскиот камп во Рафа, а беа ранети 200 други.

„Тие слики беа потресни“, им рече на новинарите портпаролот на американскиот Стејт департмент Метју Милер.

Тој рече дека додека Израел има право да го напаѓа Хамас, има обврска да стори сé што е можно за да ја минимизира цивилната штета додека ги извршува своите операции.

„Ќе продолжиме да му ја нагласуваме на Израел неговата обврска целосно да го почитува меѓународното хуманитарно право, да го минимизира влијанието на нивните операции врз цивилите и да го максимизира протокот на хуманитарна помош за оние на кои им е потребна“, рече Милер, додавајќи дека израелската војска ветила брза, сеопфатна и транспарентна истрага.

„Ние внимателно ќе ги следиме тие резултати“, рече тој.

Израелската војска соопшти дека ја разгледува можноста оружјето складирано во областа погодена од израелскиот напад да предизвикало пожар во бегалскиот камп во неделата.

Воениот портпарол денес рече дека муницијата користена во израелскиот напад е премногу мала за да предизвика голем пожар.

Министерството за здравство на Газа соопшти дека нападот ги запалил шаторите во областа каде што се засолниле раселените луѓе.

Израел соопшти дека во нападот биле убиени двајца високи милитанти на Хамас.

Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) се состана денес попладне на затворена седница побарана од членката Алжир за да разговара за нападот.

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш, денес рече дека „немилосрдното насилство“ мора да престане и го повтори својот повик за хуманитарен прекин на огнот, како и безусловно и итно ослободување на сите заложници.

Дел од информациите во текстот се од АП, Ројтерс и агенцијата Франс-прес

XS
SM
MD
LG