Европската Унија (ЕУ) го повика Израел веднаш да ја прекине својата воена операција во градот Рафа, јужна Газа, велејќи денес дека операцијата ги нарушува операциите за хуманитарна помош и носи повеќе раселување, глад и човечко страдање.
Во изјавата на шефот за надворешна политика на ЕУ Жозеп Борел, се истакнува правото на Израел да се брани, но вели дека Израел мора да го следи меѓународното право и да ги штити цивилите.
„Европската Унија го повикува Израел да се воздржи од дополнително влошување на и онака лошата хуманитарна ситуација во Газа и повторно да го отвори преминот Рафа“, рече Борел.
„Доколку Израел продолжи со својата воена операција во Рафа, тоа неизбежно ќе ги оптовари односите на ЕУ со Израел“.
Борел, исто така, го повика Хамас безусловно да ги ослободи сите заложници што ги држи во Газа.
Израелската војска денес соопшти дека нејзините сили извеле воздушни напади врз околу 80 цели низ појасот Газа во текот на изминатиот ден, додека копнените единици се бореле на источната страна на Рафа.
Израелските сили, исто така, се бореа со Хамас во неколку области во северниот дел на Газа, четири месеци откако војската соопшти дека ја разбила инфраструктурата на милитантната група во областа.
Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН) Антонио Гутереш, вчера изјави дека е „згрозен“ од ескалацијата на воената активност во и околу Рафа од страна на израелските одбранбени сили, како што речиси 450.000 Палестинци се насилно раселени од областа во изминатата недела.
Во текот на изминатата недела, израелската војска ги интензивираше бомбардирањата и другите операции во Рафа, истовремено наредувајќи евакуација на населението во делови од градот.
Израел вели дека спроведува ограничена операција за уништување на милитантната инфраструктура долж границата на Газа со Египет.
Повеќе од половина од населението на Газа се засолнуваше во Рафа, а многу од Палестинците отидоа таму откако избегаа од војната Израел-Хамас во други делови на Газа.
САД, ОН и други го повикаа Израел да избегне целосна офанзива во Рафа, предупредувајќи на хуманитарна катастрофа таму.
Но, израелските лидери велат дека е неопходна офанзива за да се постигне целта да се елиминира Хамас како закана во Газа.
Дел од информациите во текстот се од Асошиетед прес, агенцијата Франс-прес и Ројтерс