Линкови за пристапност

Русија вели дека соборила украински дрон во близина на Москва


Руските власти денес изјавија дека противвоздушната одбрана на земјата соборила украинско беспилотно летало кое летало кон Москва.

Руското министерство за одбрана соопшти дека дронот бил уништен над областа Воскресенски.

Сергеј Собјанин, градоначалник на Москва, на Телеграм изјави дека нема извештаи за жртви или материјална штета.

Украина вчера започна бран напади со беспилотни летала насочени кон шест руски региони, вклучително и на аеродром во близина на руската граница со Естонија и Латвија.

Тоа беспилотно летало предизвика огромен пожар и оштети четири воени транспортни авиони, кои можат да носат тешка механизација и војници, објави руската новинска агенција Тас, цитирајќи претставници на итната помош.

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков рече дека руската војска несомнено ќе анализира „како тоа е направено за да се преземат соодветни мерки за да се спречат овие ситуации во иднина“.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова, рече дека Украина се потпира на странска помош бидејќи беспилотните летала „едноставно нема да можат да летаат на толкаво растојание без внимателно истражени информации од западните сателити“.

Во меѓувреме, московските сили го погодија Киев со беспилотни летала и проектили со она што украинските власти го опишаа како „масовен, комбиниран напад“ во кој загинаа две лица.

Сергеј Попко, шефот на воената администрација на Киев, го опиша рускиот напад врз украинскиот главен град како најголем од пролетта, иако украинската противвоздушна одбрана собори повеќе од 20 дронови и проектили.

Дел од информациите се од Асошиетед прес, агенцијата Франс-прес и Ројтерс

XS
SM
MD
LG