Две лица денеска се повредени во Москва откако остатоци од украинско беспилотно летало уништено од страна на руската противвоздушна одбрана паднале врз куќа, изјави регионалниот гувернер.
Руските власти соопштија дека Украина извршила напад со беспилотни летала насочени кон регионите Москва и Калуга. Воздушниот напад привремено ги прекина летовите на неколку руски аеродроми, но летовите подоцна продолжија.
И Русија и Украина распоредија беспилотни летала за да ја таргетираат спротивната страна, при што се создава штета на терен која најчесто е предизвикана од остатоците од соборените дронови.
Во меѓувреме, украинскиот претседател Володимир Зеленски им се заблагодари на данските пратеници на денешното обраќање во Копенхаген, ден откако Данска и Холандија објавија дека ќе им дадат на украинските сили борбени авиони Ф-16 од американско производство.
Рускиот амбасадор во Данска, Владимир Барбин денеска изјави дека одлуката на Данска да испрати Ф-16 во Украина „води до ескалација на конфликтот“.
Премиерката на Данска, Мете Фредериксен, на Украина и вети 19 борбени авиони од типот Ф-16. Таа е оптимнист дека првите шест борбени авиони би можеле да бидат испорачани околу почетокот на 2024 година.
Од друга страна, холандскиот премиер Марк Руте не кажа колку Ф-16 ќе обезбеди неговата земја, ниту кога би можело да се изврши било каква испорака. Тој рече дека времето зависи од тоа колку брзо ќе бидат подготвени украинските екипажи и инфраструктура.
Холандската и данската влада се вклучени во обуката на украинските пилоти да управуваат со борбените авиони Ф-16.
Според американските власти, борбените авиони најверојатно нема да влијаат на траекторијата на војната во скоро време.
Генералот на американските воздухопловни сили Џејмс Хекер во петокот изјави дека во моментов нема изгледи ниту Украина, ниту Русија да добијат предност во воздухот.
„Мислам дека никој нема да добие воздушна супериорност сè додека бројот на ракети земја-воздух остане доволно висок“, рече Хекер, одговарајќи на новинарско прашање поставено од Гласот на Америка.
„И Украина и Русија имаат многу добри интегрирани системи за воздушна и ракетна одбрана“, рече тој.
Некои од информациите доаѓаат од Асошиетед пред, Франс – прес и Ројтерс.