Руските новински агенции го цитираа Министерството за одбрана дека руските војници собориле украинско беспилотно летало денес, при што остатоците од леталото убиле три лица додека паѓал врз база во јужна Русија.
Министерството соопштило дека дронот летал на мала височина рано утрово, додека се приближувал до воениот аеродром Енгелс во руската област Саратов, и дека тројцата загинати се руски војници на аеродромот.
Базата е на стотици километри од линијата на фронтот во Украина каде што руските сили извршија инвазија во февруари.
Русија соопшти дека украинските беспилотни летала ја нападнале истата база на 5 декември.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера им се заблагодари на сите оние што „прават сè за да можеме да живееме“, честитајќи им на граѓаните Божиќ.
Зеленски, исто така, им се заблагодари на новинарите кои ја пренесуваат вистината, како и на лидерите и луѓето во светот кои ја поддржуваат Украина.
Тој, исто така, повика на претпазливост.
„Остануваат само уште неколку дена оваа година. Мораме да бидеме свесни дека нашиот непријател ќе се обиде да ни го направи ова време мрачно и тешко“, рече Зеленски. „Русија изгуби се` што можеше оваа година. Но, таа се обидува да ги компензира своите загуби со фалењето на нејзините пропагандисти по ракетните напади врз нашата земја, врз нашиот енергетски сектор. Знам дека темнината нема да не` спречи да ги водиме окупаторите до нивните нови порази“.
Рускиот претседател Владимир Путин вчера изјави дека неговата земја е подготвена да преговара со сите страни вклучени во војната во Украина, но дека Киев и неговите западни поддржувачи одбиле да се вклучат во разговори.