Руските војници ќе нападнат во неочекувани делови од фронтот кога ќе ја спроведат својата летна офанзива во Украина и би можеле да се обидат да напредуваат кон североисточниот град Харков, изјави денес командантот на Националната гарда на Украина.
Вториот по големина град во Украина беше погоден од проектили и беспилотни летала во последните недели, но силите на Киев ќе бидат подготвени да го спречат секој напад, рече Олександр Пивненко.
„Се подготвуваме. Да, непријателот ќе ни приреди непријатни изненадувања. Ќе дејствува во области каде што не го очекуваме. Но, нема да ја постигне својата цел“, изјави тој за украинскиот медиум Liga.net.
Русија напредуваше на исток, но долго одложуваната американска воена помош конечно се очекува да биде одобрена оваа недела и наскоро да стигне до Украина, со што ќе се олесни критичниот недостиг на муниција и воздушна одбрана.
Пивненко рече дека предвидува „некои потешкотии“ за трупите на Киев, но дека руските сили нема да постигнат одлучувачки придобивки.
„Можеби тие ќе можат да исполнат 10-15% од нивните цели. Но, ова нема да биде стратешка победа“.
Тој очекува руските трупи да продолжат да ја удираат критичната инфраструктура на Харков, од која голем дел е веќе оштетен или уништен во руските напади, но не и да го освојат градот.