Линкови за пристапност

Бајден ја нагласи поддршката на САД за Украина во разговор со Зеленски, кажа Белата куќа


Американскиот претседател кажал дека американската економска помош „ќе помогне да се одржи финансиската стабилност, да се изгради критичната инфраструктура по руските напади и да се поддржат реформите додека Украина се движи напред на патот на евроатлантската интеграција“
Американскиот претседател кажал дека американската економска помош „ќе помогне да се одржи финансиската стабилност, да се изгради критичната инфраструктура по руските напади и да се поддржат реформите додека Украина се движи напред на патот на евроатлантската интеграција“

Белата куќа ветува брза испорака на одобрената помош од 61 милијарда долари за Украина, како што неодамнешните придобивки на Русија на бојното поле ја загрозуваат одбраната на Украина.

Претседателот Џо Бајден разговараше со украинскиот претседател Володимир Зеленски денес, нагласувајќи ја „трајната посветеност на САД да ја поддржат Украина додека ја брани нејзината слобода од руската агресија“, соопшти Белата куќа.

Бајден нагласил дека неговата администрација „брзо ќе обезбеди значајни нови пакети за безбедносна помош за да се задоволат итните потреби на бојното поле и воздушната одбрана на Украина штом Сенатот го усвои додатокот за национална безбедност и тој ќе го потпише како закон“.

Американскиот претседател додаде дека американската економска помош „ќе помогне да се одржи финансиската стабилност, да се изгради критичната инфраструктура по руските напади и да се поддржат реформите додека Украина се движи напред на патот на евроатлантската интеграција“.

Во објавата на Телеграм, украинскиот лидер рече дека во телефонскиот разговор со претседателот Бајден ја изразил својата благодарност за поддршката и лидерството на Бајден и ја истакнал улогата на претседателот на Претставничкиот дом Мајк Џонсон и лидерот на малцинството во Претставничкиот дом Хаким Џефрис во обезбедувањето да се изгласа помошта за Украина.

Тој, исто така, рече дека му кажал на Бајден за „рускиот воздушен терор преку илјадници проектили, беспилотни летала и бомби“ и додаде дека рускиот напад врз телевизиската кула во вториот по големина град во Украина, Харков, се случил неколку минути пред нивниот разговор.

Експертите и украинските пратеници рекоа дека може да потрае неколку недели за помошта да стигне до војниците, но изразија надеж дека ветената помош ќе ја промени воената перспектива за земјата заглавена во одбранбена војна против Русија.

„Со засилувањето што ќе дојде од воената помош, и практично и психички, Украинците се целосно способни да издржат во 2024 година и да го пробијат арогантниот став на (рускиот претседател Владимир) Путин дека времето е на негова страна“, рече директорот на ЦИА, Вилијам Брнс.

Сепак, остануваат неизвесности дали Украина може да ја задржи силната одбрана по 2024 година, според аналитичарите.

„Украина треба да ја искористи 2024 година за да ја обнови својата сила за долгата војна“, рече Макс Бергман, директор на програмата за Европа, Русија и Евроазија во Центарот за стратешки и меѓународни студии во Вашингтон.

„Целта на Европа треба да биде да се стави во позиција потенцијално да пополни идна празнина што би оставиле САД, доколку не изгласаат уште еден дополнителен додаток“, додаде тој.

На состанокот на министрите за одбрана и надворешни работи на ЕУ денес во Луксембург, немаше знаци за повеќе ветувања за витално потребната воздушна одбрана за Киев.

„Мораме да се засилиме. Клучно време е “, рече министерката за надворешни работи на Латвија на почетокот на состанокот.

Осврнувајќи се на одобрувањето на пакетот за Киев од страна на Претставничкиот дом на САД во саботата, министерот за надворешни работи на Литванија Габриелиус Ландсбергис рече:

„Избегнавме историски куршум, но, за жал, многу повеќе куршуми се на пат“ и додаде „можеме да бидеме радосни за еден ден, но мора да бидеме подготвени за битките што доаѓаат утре“.

Украина бара од своите сојузници од ЕУ да го зголемат снабдувањето со противвоздушна одбрана за да се одвратат руските напади.

Некои информации во текстот се од Ројтерс, Асошиетед прес и агенцијата Франс-прес

XS
SM
MD
LG