Линкови за пристапност

Републиканските кандидати ги нападнаа и Трамп и Бајден на втората дебата


Поранешниот гувернер на Њу Џерси Крис Кристи, рече дека ако поранешниот претседател продолжи да ги избегнува републиканските претседателски дебати, „нема да те викаме Доналд Трамп, ќе те викаме Пајо Паторот“
Поранешниот гувернер на Њу Џерси Крис Кристи, рече дека ако поранешниот претседател продолжи да ги избегнува републиканските претседателски дебати, „нема да те викаме Доналд Трамп, ќе те викаме Пајо Паторот“

Седум републикански претседателски кандидати на САД повторно дебатираа вечерва, секој обидувајќи се да се истакне и да стане главен предизвикувач на поранешниот претседател Доналд Трамп, кој има водечка предност за претседателската номинација на партијата во 2024 година, иако се соочува со четири кривични обвиненија.

Но, Трамп, како и минатиот месец, ја отфрли дебатата, што веднаш наиде на укор од двајца негови противници.

„Доналд Трамп го нема“, рече гувернерот на Флорида Рон ДеСантис, најблискиот предизвикувач на Трамп, но сепак далечен втор во националните анкети.

„Тој треба да биде на оваа сцена за да одговори зошто додаде 7,8 трилиони долари на националниот долг“.

Поранешниот гувернер на Њу Џерси Крис Кристи, рече дека ако поранешниот претседател продолжи да ги избегнува републиканските претседателски дебати, „нема да те викаме Доналд Трамп, ќе те викаме Пајо Паторот“.

Додека неговите противници се појавија во претседателската библиотека на Роналд Реган во Калифорнија, Трамп организираше политички митинг во Мичиген, сојузна држава каде што работниците на автомобили штрајкуваат против трите најголеми производители на автомобили во земјата.

На овации од поддржувачите, поранешниот претседател најмногу го напаѓаше демократскиот претседател Џо Бајден и ги игнорираше републиканците кои дебатираа за да го надминат за номинација на партијата.

Тој го обвини Бајден „дека испраќа милиони работни места во Кина“ и рече дека Бајден ги притиска Американците да купуваат електрични возила кои се прескапи за повеќето американски домаќинства.

Трамп стратешки сфати дека нема што да добие со појавувањето на истата дебатна сцена како неговите противници кога националното истражување составено од RealClearPolitics покажува дека тој има 56% поддршка меѓу републиканските гласачи за номинацијата и предност од 42 проценти пред ДеСантис.

Покрај ДеСантис и Кристи, петте други републиканци на дебатната сцена, сите регистрирани со едноцифрена поддршка во анкетите, беа поранешната гувернерка на Јужна Каролина Ники Хејли, претприемачот Вивек Рамасвами, поранешниот потпретседател Мајк Пенс, сенаторот од Јужна Каролина Тим Скот , и гувернерот на Северна Дакота Даг Бургум.

По првата, неодлучна дебата меѓу противниците на Трамп, анкетите на национално ниво покажаа дека поранешниот претседател всушност ја прошири својата предност, иако се соочува со изгледите да помине неколку недели во судници во првата половина на 2024 година под обвинение дека незаконски се обидел да го промени својот реизбор во 2020 година и незаконски задржал високо доверливи документи за национална безбедност кога тој ја напуштил функцијата на почетокот на 2021 година.

Меѓу кандидатите во дебатата, само Кристи остро го нападна Трамп за кривичната пријава со која се соочува, како што направи повторно вечерва.

Поранешниот гувернер на Арканзас Аса Хачинсон, уште еден републикански кандидат кој го нападна Трамп и рече дека треба да се откаже од кандидатурата за претседателски кандидат, не ги исполни критериумите поставени од Републиканскиот национален комитет за да биде на дебатата.

Барањата вклучуваа поддршка од најмалку 3% во две национални анкети на јавното мислење, или 3% во една национална и две анкети од Ајова, Њу Хемпшир, Невада и Јужна Каролина.

На кандидатите, исто така, им требаа најмалку 50.000 уникатни финансиски донатори и потпишаа ветување дека ќе го поддржат лицето кое ќе се појави како републикански кандидат.

Кандидатите поголемиот дел од дебатата го напаѓаа Бајден, како да е кампања за општи избори.

Тие го нападнаа затоа што се појавил на штрајк за поддршка на работниците во автомобилската индустрија.

Скот рече: „Џо Бајден не треба да биде на штрајк. Тој треба да биде на јужната граница со Мексико за да ги спречи илегалните мигранти да влезат во САД“.

Дебатата вечерва се случи 3 и пол месеци пред првото гласање на републиканците во сојузната држава Ајова.

Еден од клучните политички датуми е 5 март, кога се закажани партиските првични избори во повеќе од десетина сојузни држави.

XS
SM
MD
LG