Линкови за пристапност

Путин му подарил на Ким Џонг Ун руска лимузина


Северна Кореја е наш сосед, наш близок сосед и имаме намера, и ќе продолжиме, да ги развиваме нашите односи со сите соседи, вклучително и со Северна Кореја, рече Кремљ
Северна Кореја е наш сосед, наш близок сосед и имаме намера, и ќе продолжиме, да ги развиваме нашите односи со сите соседи, вклучително и со Северна Кореја, рече Кремљ

Владимир Путин на Ким Џонг Ун му подари луксузна руска лимузина Аурус, бидејќи на севернокорејскиот лидер му се допаднал автомобилот кога рускиот претседател му го покажал минатата година, соопшти денес Кремљ.

Кога Ким ја посети источна Русија во септември, Путин му ја покажал една од црните оклопни лимузини што ги користи.

Ким тогаш седна покрај Путин во автомобилот на космодромот и изгледаше како да ужива во тоа.

„Кога шефот на ДНРК (Северна Кореја) беше на космодромот Восточни, го погледна овој автомобил, Путин му го покажа лично, и како и многу луѓе, на Ким му се допадна овој автомобил“, рече портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков, на прашањето за подарокот.

„Значи, оваа одлука е донесена“, рече Песков.

„Северна Кореја е наш сосед, наш близок сосед и имаме намера, и ќе продолжиме, да ги развиваме нашите односи со сите соседи, вклучително и со Северна Кореја“.

Русија ги засили врските со Северна Кореја и други земји непријателски настроени кон САД, како што е Иран од почетокот на војната со Украина.

САД ја обвинија Северна Кореја дека ѝ испорачувала на Русија артилериски гранати и ракети кои се користат во Украина.

Москва и Пјонгјанг ги негираат обвинувањата и минатата година ветија дека ќе ги продлабочат воените односи.

Министерството за надворешни работи на Јужна Кореја како одговор на претставувањето на автомобилот рече дека внимателно ја следи соработката меѓу Русија и Северна Кореја и ги повика двете земји да се придржуваат до резолуциите на Советот за безбедност на ОН.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова, ја отфрли секоја идеја дека Москва ги прекршила санкциите.

„Мислам дека шампионите на меѓународната правна чистота треба да се прашаат каква штета предизвикуваат незаконските санкции кога, поради војната со санкции на Западот, луѓето ширум светот не можат да обезбедат храна, лекови и вакцини“, напиша таа на Телеграм.

XS
SM
MD
LG