Рускиот претседател Владимир Путин изрази поддршка за предлогот на САД за прекин на огнот за запирање на руската војна со Украина, но нагласи дека деталите ќе треба да се разработат.
„Се согласуваме со предлозите за запирање на борбите, но тргнуваме од претпоставката дека прекинот на огнот треба да доведе до траен мир и да ги отстрани основните причини за кризата“, им рече Путин на новинарите денес во Москва.
„Можеби треба да му се јавам на претседателот Трамп и да разговарам со него“, рече тој.
Претходно, главниот помошник на Путин за надворешна политика го отфрли предлогот на САД за 30-дневен прекин на огнот, велејќи дека тоа само ќе ѝ обезбеди на војската на Украина привремен одмор од борбите.
Неговите коментари дојдоа откако специјалниот пратеник на САД Стив Виткоф пристигна во Москва за да се сретне со руските официјални лица за предлогот за прекин на огнот.
Во своите коментари, помошникот на рускиот претседател Јуриј Ушаков потврди дека бил во редовен контакт со американскиот советник за национална безбедност Мајк Волц и рече дека се согласиле дека овие контакти ќе останат доверливи.
Американските власти претходно оваа недела се состанаа со украинските власти во Саудиска Арабија за да го претстават планот за прекин на огнот.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги поздрави напорите на САД, велејќи во средата дека Украина е „подготвена за прекин на огнот за 30 дена како што е предложено од американската страна“.
Зеленски рече дека прекинот на борбите може да се искористи за да се создаде поширок мировен договор за конфликтот, кој започна со целосната инвазија на Русија на Украина во февруари 2022 година.
Разговорите во Москва доаѓаат откако руското Министерство за одбрана во четвртокот соопшти дека неговите сили ја вратиле контролата врз Суџа, главен град во западниот руски регион Курск, од украинските војници.
Украинските сили го зазедоа градот за време на ненадеен напад на регионот Курск што граничи со Украина минатиот август и оттогаш се борат да го задржат.
Некои информации во текстот се од АП, агенцијата Франс-прес и Ројтерс