Линкови за пристапност

Продолжува истрагата за судирот на авион и хеликоптер во Вашингтон


На оваа слика обезбедена од американската Kрајбрежна стража, се гледаат остатоци во реката Потомак во близина на Националниот аеродром „Роналд Реган“, 30 јануари 2025 година, во Вашингтон
На оваа слика обезбедена од американската Kрајбрежна стража, се гледаат остатоци во реката Потомак во близина на Националниот аеродром „Роналд Реган“, 30 јануари 2025 година, во Вашингтон

Денес продолжуваат напорите за извлекување на авионот и хеликоптерот кои се судрија во близина на Вашингтон, при што загинаа 67 луѓе во средата навечер.

Инспекторите од повеќе американски агенции ги пронајдоа таканаречените црни кутии од авионот на „Американ ерлајнс“ кој се распадна на повеќе парчиња во реката Потомак по инцидентот.

Претставниците на противпожарната служба рекоа дека нуркачите имаат намера да го „спасат авионот“ и да најдат дополнителни компоненти.

Националниот одбор за безбедност на транспортот ќе собира информации за летот за да најде индиции за несреќата.

Немаше преживеани меѓу 64-те патници и членови на екипажот на летот на „Американ ерлајнс“ и тројцата членови на екипажот на воениот хеликоптер, објавија федералните и локалните власти вчера.

Авионот и хеликоптерот се урнаа во реката Потомак во близина на националниот аеродром „Роналд Реган“ во Арлингтон, Вирџинија, во среда вечерта.

Еден контролор на летање извршувал работа вообичаено доделена на две лица во кулата на аеродромот кога се случил судирот, се вели во извештај на Федералната управа за воздухопловство.

Претседателот Доналд Трамп вчера попладне потпиша две извршни наредби, вклучително и една за назначување заменик-администратор на Федералната управа за воздухопловство.

Другата наредба за воздухопловство ги повлече федералните иницијативи за различност.

Додека ја потпишуваше наредбата во Овалната канцеларија, Трамп, без докази, го повтори своето тврдење дека федералните програми за различност можеби придонеле за несреќата.

Американскиот секретар за транспорт Шон Дафи, кој му се придружи на Трамп на прес-конференција претходно во четвртокот за да разговара за несреќата, рече дека и авионот и хеликоптерот биле на „стандардни шеми на летот“ пред судирот.

Некои информации во текстот се од Асошиетед прес, агенцијата Франс прес и Ројтерс

XS
SM
MD
LG