Линкови за пристапност

 
Патнички авион и воен хеликоптер се судрија во главниот град на САД - со нуркачи се трага по преживеани

Патнички авион и воен хеликоптер се судрија во главниот град на САД - со нуркачи се трага по преживеани


Околу 300 лица од службите за брзи реакции се вклучени во спасувачка акција на местото на судирот меѓу авион и хеликоптер над Вашингтон, 30 јануари, 2025
Околу 300 лица од службите за брзи реакции се вклучени во спасувачка акција на местото на судирот меѓу авион и хеликоптер над Вашингтон, 30 јануари, 2025

„Американ ерлајнс“ соопшти дека во авионот, кој пристигнувал од Вичита, Канзас, имало 60 патници и четворица членови на екипажот. Според официјални лица, пак, тројца војници на американската армија биле во хеликоптерот, кој изведувал тренинг лет.

Околу 300 лица се ангажирани во потрагата по преживеани од судирот меѓу патнички авион и воен хеликоптер над главниот град на САД, Вашингтон, а којшто се случи синоќа околу 21 часот по локално време. Засега нема официјални потврди за бројот на загинати или преживеани.

Судирот се случил над реката Потомак, во непосредна близина на меѓународниот аеродром во Вашингтон „Роналд Реган“, меѓу авион на „Американ ерлајнс“, кој пристигнувал од Вичита, Канзас и армиски хеликоптер од моделот Black Hawk.

„Американ ерлајнс“ соопшти дека на летот имало 60 патници и четворица членови на екипажот. Според официјални лица, пак, тројца војници на американската армија биле во хеликоптерот, кој изведувал тренинг лет.

Бродови ангажирани во потрага по преживеани од авионската несреќа во близина на аеродромот „Роналд Реган“ во Вашингтон, 29 јануари, 2025 година.
Бродови ангажирани во потрага по преживеани од авионската несреќа во близина на аеродромот „Роналд Реган“ во Вашингтон, 29 јануари, 2025 година.
Светлата на авионот бескаа, зошто хеликоптерот не се качи или не се симна, или не сврти
Доналд Трамп, Објава на „Truth Social“

Властите на брифингот рано утрово изјавија дека фокусот е на спасувачката операција во која учествуваат чамци и нуркачи во реката Потомак во непосредна близина на аеродромот.

На прашањето дали има преживеани, шефот на противпожарната служба во Вашингтон Џон Донели рече: „Сè уште не знаеме, но работиме“.

Донели рече дека околу 300 лица се ангажирани во операцијата за спасување и дека условите се тешки за работа, во темна и студена вода длабока околу 2,5 метри во областите каде што се наоѓале остатоците од леталата.

Иако официјалните лица сè не потврдија смртни случаи, американскиот сенатор Роџер Маршал од Канзас изјави на брифингот: „Тагуваме заедно со семејствата што ги загубија најблиските“.

Нуркачи и чамци ангажирани во реката Потомак, во потрагата по преживеани од судирот меѓу авион и хеликоптер во близина на аеродромот „Роналд Реган“ во Вашингтон, 30 јануари, 2025
Нуркачи и чамци ангажирани во реката Потомак, во потрагата по преживеани од судирот меѓу авион и хеликоптер во близина на аеродромот „Роналд Реган“ во Вашингтон, 30 јануари, 2025

Камерите од Центарот „Кенеди“, кој се наоѓа во непосредна близина на реката Потомак, го снимиле моментот на несреќата и притоа се гледаат два осветлени објекта како летаат еден кон друг. Веднаш после судирот настанува експлозија и леталата паѓаат во реката Потомак. Според податоците, авионот во моментот на судирот се наоѓал на височина од околу 120 метри.

Американскиот претседател Доналд Трамп на својата платформа Truth Social рече: „Каква страшна ноќ“.

„Чиста ноќ беше, светлата на авионот бескаа, зошто хеликоптерот не се качи или не се симна, или не сврти. Зошто контролната кула не му кажа на хеликоптерот што да направи наместо да го праша дали го виделе авионот. Ова е лоша ситуација која се чини дека можела да биде избегната“, напиша претседателот Трамп.

Делови од овој извештај се преземени од Асошиејтед прес и од Ројтерс.

XS
SM
MD
LG