Линкови за пристапност

Трамп: Нема преживеани во судирот на авион и воен хеликоптер


Американскиот претседател Доналд Трамп зборува за несреќата во воздух помеѓу летот 5342 на Американ Ерлајнс и воен хеликоптер во Вашингтон, во салата за брифинг во Белата куќа на 30 јануари 2025 година во Вашингтон.
Американскиот претседател Доналд Трамп зборува за несреќата во воздух помеѓу летот 5342 на Американ Ерлајнс и воен хеликоптер во Вашингтон, во салата за брифинг во Белата куќа на 30 јануари 2025 година во Вашингтон.

Американските власти соопштија дека нема преживеани откако патнички авион со 64 патници и членови на екипажот се судрил со воен хеликоптер со три лица, поради што двата авиони се урнале во заледените води на реката Потомак во близина на националниот аеродром Роналд Реган во Вашингтон.

Претседателот Доналд Трамп на прес-конференција во четвртокот рече дека нема преживеани од несреќата во средата вечерта, дека причината се уште не е позната, но дека властите имаат „многу силни мислења и идеи“ за тоа.

„Ќе утврдиме како се случи оваа катастрофа и ќе се погрижиме вакво нешто никогаш да не се повтори“, рече Трамп.

Тој, исто така, додаде дека воениот хеликоптер летал „под агол кој бил неверојатно лош“ кога се судрил со авионот.

Трамп, рече дека несреќата е „комбинација од лоши одлуки“.

Ги обвини политиките кои промовираат различност во вработувањето, под поранешните претседатели Барак Обама и Џо Бајден, за лошите безбедносни стандарди.

Сепак, истрагата е во тек и нема докази дека контролорите на летање или Федералната управа за авијација (FAA) биле виновни за несреќата.

Самиот Трамп изјави дека причината се уште не е позната.

Претходно, началникот на пожарникарите во Вашингтон, Џон Донели рече дека „дојде момент кога преминуваме од операција за спасување - во операција за потрага по човечки останки“.

Донели рече дека 28 тела биле извлечени од реката.

Во авионот имало 60 патници и четворица членови на екипажот, додека во хеликоптерот имало тројца војници.

Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет објави видео на „Ексон“ во кое наведува дека екипажот во хеликоптерот бил „искусен“ и дека изведувал „редовен годишен тренажен лет“.

Според него, идентитетот на екипажот е познат на Пентагон, но нема да биде објавен додека не бидат известени семејствата.

„Хеликоптерот вршеше рутински лет во ноќни услови, екипажот имаше опрема за летање ноќе“, рече Хегсет, додавајќи дека Пентагон спроведува сопствена истрага.

Сите полетувања и слетувања од аеродромот беа стопирани додека нуркачките тимови го пребаруваа местото на несреќата, а хеликоптери летаа над местото на несреќата барајќи тела.

Аеродромот, пак, повторно беше отворен во четвртокот наутро, а летовите беа обновени.

Американската ТВ мрежа Си-Би-Ес јавува дека е пронајдена една од двете црни кутии.

Секретарот за транспорт, Шон Дафи, рече дека има „рани индикации за тоа што се случило, но дека воздушниот простор над Вашингтон е најбезбедниот во светот“.

Тој додаде дека временските услови се добри, небото е ведро, а сообраќајот се одвива нормално.

Федералната управа за авијација (FAA) соопшти дека авион на Американ ерлајнс, кој доаѓал од Вичита, Канзас, се судрил со воен хеликоптер Блек Хок непосредно пред да слета на пистата.

XS
SM
MD
LG