Дебата меѓу седумтемина кандидати за претседател на државата сепак ќе има. Изборните штабови на сите претенденти за врвната функција во земјава денеска потврдиле дека се согласуваат со повикот на актуелниот претседател Стево Пендаровски да настапат на главна, т.н. мастер дебата.
Утврдено е дека таа ќе се одржи на неутрален терен, што би значело не во студио на некоја конкретна телевизија, туку можеби во некој простор соодветен за таков настан, како на пример конгресна сала.
Сите медиуми ќе може да вршат пренос од дебатата, а секој од кандидатите ќе може да донесе и своја публика.
Техничките детали се` уште се усогласуваат меѓу седумте изборни штабови. Потврдено е дека ќе нема исклучување од дебатата на никој од кандидатите како што побарале некои од учесниците во претседателската трка.
Тоа барање пред се` се однесувало на Стевчо Јакимовски поради неговото назначување на американската „црна листа“.
„Државната изборна комисија потврди дека има седум претседателски кандидати и за нас не постојат спорни кандидати. Го почитуваме гласачкото тело на сите кандидати и кога некој претендира да стане шеф на државата треба да го има предвид фактот дека тој е претседател на сите граѓани. Нашата идеја е дебатата да се одржи со сите седум кандидати“, кажаа од штабот на Пендаровски на денешниот брифинг.
Истовремено најавија дека Пендаровски во вторник ќе ја одржи конвенцијата на која ќе ја презентира својата програма – два дена пред официјалниот старт на кампањата.
Опозицијата вели дека очекува „валкана игра“ – и за претседателските и за парламентарните избори.
„Црната кампања е карактерна особина на оваа влада, не очекуваме таа ќе престане и таа е полна со разни монтажи, видеа, навреди... Нашата цел е да водиме позитивна кампања, да зборуваме за проекти и за решавање на проблеми на граѓаните, а не да се оптовараме со тоа кој колку е лош знаат зашто сите знаат дека полоша влада од оваа во историјата на Македонија немало“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Владејачката СДСМ вчера со дел од политичките партнери ја официјализираше „Коалицијата за европска иднина“ која, како што вели лидерот Димитар Ковачевски, се темели на вредности.
„Пратеничките листи се креирани и се одобрени на Конгресот на СДСМ. Знам дека и најголемиот дел од коалициските парнери тоа го сторија. Има уште некои организации со кои разговараме за сорабтока и потпишување меморандуми и тие се базираат исклучиво на вредности – интеграција на земјата во ЕУ, унапредување на економскиот развој и борбата против корупцијата“, рече Ковачевски.
Вечерва ќе заседаваат Централниот и Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
На двете седници треба да се потврдат листите за пратеници за шесте изборни единици кои ги состави партиското раководство.