Би се радувал доколку имам поддршка од Бранко Црвенковски, но јас досега немам слушнато дека ја има потпишано и мојата иницијатива за кандидатура за претседател на државата. Секој е добредојден, којшто и се нема огрешено на Македонија, вели во интервју за Гласот на Америка на македонски кандидатот за претседател на државата и лидер на партијата ЗНАМ, Максим Димитриевски.
Интервјуто во писмена форма:
Глас на Америка: Се решивте да се кандидирате за претседател на државата. Кој е мотивот за такво нешто?
Максим Димитриевски: Главниот мотив е тешката состојба во која се наоѓа македонскиот народ од сите аспекти. Првенствено загрозен национален идентитет, тешката социо-економска состојба и едноставно граѓаните бараат стожер на државноста во форма на претседател, кој ја црпи својата сила од поддршката на граѓаните на непосредни избори. Сметам дека Македонија може многу повеќе, Македонците заслужуваат да бидат обединети и да изберат претседател, кој нема да им должи на ниту една политичка партија, туку единствено ќе им должи на граѓаните. Ќе биде контролор на уставноста и законитоста. Нема да потпишува политички закони по волја на политичките субјекти, туку секогаш ќе биде коректор на законодавниот дом во интерес на граѓаните. Дополнително ќе ја претставува достоинствено државата внатре и надвор, ќе гради нови пријателства во соседството, со меѓународната заедница, со нашите држави стратешки партнери, кои припаѓаат на ЕУ и НАТО и ќе ја поведе Македонија како татко на нацијата во една вистинска насока на прогрес и просперитет.
Глас на Америка: Доколку не влезете во вториот круг од претседателските избори, ќе го повикате ли членството и вашите гласачи да подржи еден од кандидатите кој ќе влезе во вториот круг?
Максим Димитриевски: Јас дефинитивно очекувам да влезам во вториот круг и да победам на следните претседателски избори. И ако ме прашате како ќе ви кажам, исто така како на локалните избори во Куманово, кој ме научи како да менаџирам, победивме како единствени кандидати на граѓаните против сите политички партии и тоа може да се случи да го повториме и на национално ниво. Инаку на вашето прашање, ќе кажам дека немам намера, а ниту имам морално и етичко право да тргувам со гласовите на граѓаните. Граѓаните се тие кои одлучуваат на непосредни избори и тие ќе го направат својот избор, а не по насоки на мене лично или на било кој член на мојата нова политичка партија Движење ЗНАМ за наша Македонија.
Глас на Америка: Дали станува збор за пробен балон и проверка на силата пред парламентарните избори со цел да се издејствува подобра позиција по изборите во однос на идно можно коалицирање?
Максим Димитриевски: За мене ова е предизвик, а и обврска да излезам од сигурната зона на градоначалничкиот мандат, кој е на половина во Куманово и да влезам во една ваква битка, не за себе само, туку првенствено за државата, бидејќи неопходно е да се променат работите на крупно во Македонија. Македонија бара суштински промени. Ние не можеме да ги направиме тие промени, доколку активно и директно не учествуваме во нив. Затоа излегов како кандидат на претстојните претседателски избори и верувам дека граѓаните тоа ќе го препознаат и ќе дадат поддршка на една ваква кандидатура и иницијатива.
Глас на Америка: Кои се вашите црвени линии?
Максим Димитриевски: Сите национални црвени линии на македонскиот народ се и мој црвени линии. Македонецот мора да биде достоинствен, Македонецот мора да биде граѓанин од прв ред, да соработува со сите граѓани кои живеат во Македонија, тука вклучувајки ги сите етнички групи. Да градиме реален соживот и пријателство, да градиме мултиетничко општество, со еднакви права и обврски во општеството, како што денеска не е случај. Политичката елита живее на еден начин, а обичниот граѓанин на друг начин. Сите говорат за албанизација, а всушност во Македонија се случува еден голем процес на дуизација, кој што ги фрустрира останатите граѓани, давајки им чуство да се чувствуваат како граѓани од втор ред и тоа мора да го разбиеме и Македонија мора да тргне напред бидејки има капацитет како држава. Господ ни дал се, секакви ресурси кои недоволно ги искористуваме, а на крајот бенефитите од тоа завршуваат во приватни џебови, а не во националната каса. И на корупцијата мора да и ставиме крај еднаш, за да направиме стабилно општество во кое ќе имаа владеење на право, правда за сите и казнивост за сите.
Глас на Америка: Дали ќе настапите во сите 6 изборни единици и кои се носителите на листи?
Максим Димитриевски: Ќе имаме шест кандидатски листи и ќе учествуваме на парламентарните избори во сите шест изборни единици. Единствено што во моментот можам да ви кажам е дека јас нема да бидам носител на ниту една од тие кандидатски листи, а за останатото ќе почекате на 24 март кога ќе биде одржан конгрес, каде ќе ги промовираме сите наши кандидати за носители и сите наши кандидати за пратеници.
Глас на Америка: Ќе има некои звучни имиња?
Максим Димитриевски: Дефинитивно да. Но и секое име е звучно по себе, сите луѓе поседуваат личен интегритет во јавноста, но целиот овој период во плурализмот, кој што е повеќе од 30 години, никогаш не добиле шанса, затоа што другите политички партии во државата во овие 30 години, функционираат како приватни фирми, и акционерски друштва, каде лидер шиповите на партииите ги поставуваат кадровските решенија. Ние овој пат оставаме на нашето членство да ги даде реалните кандидати, кои излегуваат од граѓаните и ќе дадеме шанса токму на такви луѓе.
Глас на Америка: Колку пратеници очекувате да освоите?
Максим Димитриевски: Не лицитирам со бројки. Но бројката која ја очекуваме како подршка на следните парламентарни избори е прилично голема и знам дефинитно ќе биде следниот „кинг мејкер“ во државата кој ќе даде допринос во формирање на следното парламентарно мнозинство со значителен број на пратеници. Но претходно на сите наши преговарачи ќе им понудиме да потпишат одредена платформа, која ќе ги дефинира македонските црвени линии во идното наше политичко делување.
Глас на Америка: Со оглед дека вашето гласачко тело во најголем дел потекнува од СДСМ, очекувате ли да им ја искомплицирате состојбата на СДСМ?
Максим Димитриевски: Знам како нов политички субјект, стожер на крушевските вредности и асномските постулати, вистинското место за реалните членови кои ги има многу на СДСМ, а се искрени во иделогијата е токму тука кај нас. Но ние се обраќаме на целиот електорат. Имаме подржувачи од сите страни, а најголем дел подржувачи, а кои за жал беа разочарани и им беше убиена надежта од шарената револуција и дополнително неопределени гласачи и гласачи кои многу ретко гласаат. Граѓаните треба да сфатат дека овие избори се суштински за опстанокот на плурализмот и ослободување на Македонија, бидејки ние живееме во една заробоена или приватизирана држава, која ја контролираат грст на луѓе, кои во континуитет се менуваат на власт. Едни доаѓаат, други си заминуваат и обратно. Мора да го разбиеме тоа црно сивило и да внесеме некои дополнителни бои. И ова е последниот момент кога граѓаните мора да се одважат, да ги препознаат нашите барања, да излезат и да дадат подршка.
Глас на Америка: Очекувате ли да ја искомплицирате состојбата на СДСМ ?
Максим Димитриевски: Ние не ја создаваме партијата да комплицираме состојба на никој. Ние ја создаваме партијата за да на следните избори СДСМ изгуби, а ВМРО да не добие шанса да победи.
Глас на Америка: Дали имате подршка од поранешниот лидер на СДСМ Бранко Црвенковски, дали и тој е дел од ЗНАМ?
Максим Димитриевски: Јас би се радувал доколку имам, но јас досега немам слушнато и во јавноста дека ја има потпишано и мојата иницијатива за кандидатура за претседател на државата. Секој е добредојден, кој што и се нема огрешено на Македонија и кој што не направил штета на македонскиот народ. Инаку лично Црвенковски го почитувам.
Глас на Америка: Рековте дека очекувате од вас да зависи формирањето на идното парламентарно мнозинство. Каде се гледате поблиску до СДСМ или до ВМРО ДПМНЕ?
Максим Димитриевски: Ние ги гледаме потенцијалните партнери поблиску до нас, не се гледаме близу до никој, бидејки немаме намера да бидеме било каква дополнителна вредност на идната коалиција, туку факторот кој ќе ја формира идната коалиција, а како тоа ќе го видиме по одлуката на граѓаните на следните избори.