Нешто повеќе од 4 дена преостануваат за собирање на неопходните 10 000 граѓански потписи за официјално влегување во трката за претседател на државата. На листата од 13, шестмина се уште се далеку од прагот – ниту еден од нив, од 23 февруари кога почна собирањето потписи па досега, не успеал да дојде ниту до 2 000 потписи од граѓаните. Тоа значи дека нивните шанси се исклучително мали дека до петок на полноќ, кога истекува рокот, ќе успеат да дојдат до 10 000.
Станува збор за Вело Марковски, Томе Николовски, Господин Попоски, Ѓорѓи Манасков, Мерсиха Смаиловиќ и Зорица Цветковска чии имиња фигурираат на интернет страницата на Државната изборна комисија.
Од друга страна останатите седуммина веќе ја завршија работата и на своето конто имаат повеќе од 10 000 гласови, некои и многу повеќе. Последните двајца кои се приклучија се всушност и двајцата фаворити на претстојните избори – актуелниот шеф на државата Стево Пендаровски кој, со поддршка на владејачкиот СДСМ, за само неколку часа вчера собра речиси 22 000 потписи и кандидатката на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска-Давкова зад која застанаа 28 000 граѓански потписи.
Дел од партиите, користејќи ги овие бројки, веќе почнаа со „мерење“ на потенцијалниот успех.
„Историски најголем одзив досега, собрани се над 28.000 потписи за помалку од 12 часа. Ова е најголемиот доказ и најточниот индикатор за тоа колкава е желбата и надежта на граѓаните за промени за подобра иднина. Но, ова за ВМРО-ДПМНЕ пред се е голема одговорност пред секој еден граѓанин. Имаме обврска пред секој еден од вас да ја оправдаме во целост вашата поддршка. Оваа бројка само ни потврдува дека мораме да останеме посветени на визијата за промени, за промени кои значат чесно и правично владеење, промени кои ќе значат подобар живот за граѓаните дома, промени кои значат враќање на достоинството на граѓаните и државата“, изјави Марија Митева од ВМРО - ДПМНЕ.
Првичните реакции од СДСМ, по официјалното утврдување на Пендаровски за кандидат, се дека претстојните избори се „или во ЕУ, или изолација“.
„Изборот пред граѓаните е ЕУ или изолација, во ЕУ со Пендаровски или во изолација со Силјановска.„На граѓаните не им треба претседател кој ќе кочи, туку претседател, како Пендаровски со јасна европска визија кој ќе турка напред по вистинскиот пат, кон европски стандарди, европските вредности и европски живот, сега, не во иднина и некогаш. Патот што го предлага опозицијата е сосема спротивен, тоа е изолација, стагнација, враќање назад во едно мрачно време на национализам и поларизација“, соопштуваат од СДСМ.
Извесно е дека на 24 април, кога се одржува првиот круг претседателски избори, на гласачкото ливче ќе има седум кандидати. Покрај Пендаровски и Силјановска-Давкова, на спсиокот ќе се најдат и Бујар Османи од ДУИ, Арбен Тарвари поддржан од опозициските партии на Албанците, Билјана Ванковска зад која застана Левица, Максим Димитриевски од ЗНАМ и Стевчо Јакимовски од ГРОМ.
Можно е да се избере претседател на државата и во првиот изборен круг под услов некој од кандидатите да освоил мнозинство гласови од вкупниот број запишани избирачи – сценарио кое безмалку е неверојатно.
Втората, која е и реална опција, е дека ќе има втор круг во кој ќе влезат двајцата кандидати кои освоиле најмногу гласови во првата рудна. За шеф на државата се избира оној кој освоил мнозинство гласови, но само ако на гласање излегле повеќе од 40 проценти од избирачите. Ако тоа не се случи, Изборниот законик е јасен – изборите за претседател се повторуваат.