СКОПЈЕ – Македонските државјани кои живеат во странство ќе може да гласаат само во неколку држави и тоа само на претседателските избори бидејќи до истекот на законскиот рок за пријавување во Државната изборна комисија (ДИК) не се пријавиле доволен број на гласачи за да се гласа и на претседателските.
Според официјалните податоци на ДИК, заклучно со вчеравечер за гласање се пријавиле 2.954 гласачи, а неопходниот минимум за да се организира и гласање на парламентарните избори е 5.335 гласачи, колку што на последните парламентарни избори имаше освоено пратеникот избран со најмалку гласови. Бројката на пријавени можно е да се зголеми доколку Министерството за надворешни работи до ДИК, најдоцна до утре 21 март, согласно роковникот за избори, достави пријави од македонски државјани поднесени во дипломатско-конзуларните претставништва (ДКП) но повеќе од извесно е дека нема да се достигне минимумот за парламентарните избори.
Од ДИК информираат дека од вкупно 2.954 пријавени граѓани прифатени се 2.680 апликации а одбиени се 274.
Гледано по држави, најмногу прифатени барања за гласање има во Германија – 578, следува Словенија со 327 и САД каде е прифатена 241 апликација. Во Швајцарија ќе гласаат 182 македонски државјани, во Канада – 122, во Австрија – 116 а последна држава со трицифрен број на гласачи е Италија каде ќе гласаат 101 гласач. На 24 април на првиот круг на претседателски избори ќе се гласа и во Австралија, Белгија, Хрватска, Шведска, Данска, Норвешка, Холандија, Чешка, Турција, Србија, Бугарија, ОАЕ и во Кина каде што за гласање се пријавиле 12 македонски државјани.
Вчера сите претседателски кандидати ги доставија своите кандидатури. Освен кандидатот на ВМРО – ДПМНЕ, Гордана Силјановска, сите останати ги доставија собраните потписи од граѓаните.
Според процедурата ДИК сега почнува со проверката на кандидатурите на седуммината кандидати кои според Уставот и законите мора да се македонски државјани, да имаат наполнето 40 години и во последните 15 години најмалку 10 години да живееле во државата.
„Откако ќе завршат проверките ДИК ќе закаже седница на која ќе ги потврди листите“, изјави Љупка Гугучевска, портпарол на ДИК.
ДИК, според законските рокови, најдоцна до 28 март ќе одржи и седница на која ќе се изврши ждреб за редоследот на кандидатите на избирачкото ливче за првиот круг закажан на 24 април.
Изборната кампања почнува на 4 април.