Директна вклученост во спасувањето на петгодишно дете, како и разновидна помош за повредените, беа дел од повеќедневната хуманитарна спасувачка мисија на македонските специјални армиски сили што во Турција се вклучија во битката за спасување човечки животи после разорните земјотреси.
Вкупно шеесетина на број, со две кучиња трагачи беше составот на македонскиот армиски баталјон за спасување, кој беше меѓу првите состави што за неполни 24 часа пристигнаа во Турција во потрага по преживеани.
Во чест на македонските војници денеска беше организиран свечен пречек во касарната „Илинден“ во Скопје.
„Македонскиот народ, сите македонски граѓани ѝ помогнаа на Турција ѝ ќе и помагаат и во иднина не затоа што сме членка на НАТО и сме формални сојузници, туку затоа што нашето пријателство трае со векови наназад и ќе трае со векови нанапред“, рече меѓу другото претседателот и врховен командант на македонските армиски сили, Стево Пендаровски на свеченоста во Скопје.
На војниците им се заблагодари и министерката за одбрана, Славјанка Петровска, која укажа дека нивната пожртвуваност е гордост за македонскиот народ.
„Ви благодариме што го спасивте младиот Сулејман и што му дадовте шанса да порасне во успешен млад човек. Ви благодариме за вашата пожртвуваност и што покажавте дека секогаш сте подготвени да му служите на нашиот народ, но и да им помогнете и на пријателите кога ќе се најдат во неволја“, рече министерката Петровска.
Особено голема благодарност, во име на неговиот народ, упати и турскиот амбасадор во земјава, Хасан Мехмет Секизќок.
„Храбри чеда на македонската армија, вие пред скоро време се вративте во земјава, но вашата пожртвуваност и огромна солидарност е врежана длабоко во меморијата на турскиот, народ кој ќе се сеќава вечно“, рече амбасадорот Секизќок.
На свеченоста беше соопштено дека армиските учесници во хуманитарната операција ќе добијат и парична награда во износ од една просечна плата.
Бројот на загинати што ја погоди Турција ја надмина бројката 41.000 лица, а подрачјето на југозападна Турција и северот на Сирија го погодиле повеќе 6.000 афтершокови. Во двата земјотреса кои се случија на 6 февруари со магнитуди од 7,8 и 7,5 степени, во Турција се урнале повеќе од 20.600 згради со над 384.000 станови.
Според досегашните сознанија, вкупно, со подрачјата во Сирија, во земјотресите загинале повеќе од 44.000 лица. Сепак, за бројките на настрадани во Сирија се очекува допрва да се добијат подетални податоци.
Facebook Forum