Наскоро да се достигне сума од еден милион евра парични донации за погодените од земјотресите во Турција и во Сирија, очекуваат од македонскиот Црвен крст.
„Да бидеме оптимисти дека многу наскоро ќе можеме да соопштиме дека како Црвен крст, со голема помош и соработка на населението и фирмите контрибутори, ќе стигнеме до еден милион евра помош“, рече Генералниот секретар на Црвениот крст на Северна Македонија, Саит Саити.
Денеска од Скопје тргна првиот контингент хуманитарна помош од Црвениот крст кон погодените подрачја од земјотресите. Заминаа два камиона со 800 пакети храна, 1.700 пакети со хигиена, како и 4.000 ќебиња. Вкупната вредност на помошта е околу 70 илјади евра.
Лична благодарност до македонскиот црвен крст упати амбасадорот на Турција во земјава, Хасан Мехмет Секизкок.
„Оваа моќна солидарност искажана во овие тешки денови ќе биде во сеќавањата на турскиот народ“, рече амбасадорот Мехмет Секизкок.
Од Црвениот крст апелираат донациите да бидат достоинствени и да се доставуваат здрава облека, како и безбедна храна со декларации.
„Тоа што се бара на терен се шатори, ќебиња, вреќи за спиење, ламби. Сè тоа што помага за организирање на животот во такви услови. Потребна е храна, облека, но сето тоа да биде ново декларирано и сето тоа да може да биде доставено на време, сигурно и безбедно“, додаде Саити.
До денес вкупно се собрани 25.120.773 денари парична помош која доаѓа како донации од граѓани преку телефонскиот број 143 400, како и преку сметките за донации.
Facebook Forum