Канадските воздухопловни сили патролираат во водите во близина на брегот на Кина каде се избегнуваат санкциите. Ова е местото каде што бродовите префрлаат нафта за Северна Кореја, пркосејќи им на резолуциите на Советот за безбедност на ОН. Овој канадски екипаж е дел од пошироките напори за спроведување санкции од страна на САД и 10 нивни сојузници.
Мајорот Даг Публиковер е командант на канадскиот екипаж.
„Нашиот удел е да придонесеме за спречување на некои од нелегалните трансфери од брод на брод кои носат нафта во Северна Кореја“, вели Публиковер.
Кога ќе се забележи сомнителен брод, екипажот лета ниско, собирајќи докази што може да доведат до отстранување или запленување на бродовите. Тоа е вид на тивка операција што се случува со години.
Поголемиот дел од времето, летовите како овој се случуваат без да привлечат големи наслови по медиумите. Сепак, една земја што дефинитивно ги следи настаните е Кина.
Набргу по започнувањето на мисијата, се појавуваат кинески борбени авиони. Можеби ова се меѓународни води, но е во близина на Кина. За овој простор, американските официјални лица велат дека не е соодветно надгледуван, што ѝ дозволува на Северна Кореја да ги заобиколи енергетските ограничувања од ОН секоја година.
Кина инсистира дека ги спроведува санкциите, но исто така вели дека тие треба да бидат укинати. Русија, исто така, се зближи со Северна Кореја, обновувајќи го меѓусебниот одбранбен договор и стави вето на обновувањето на панелот на ОН што го надгледуваше спроведувањето на санкциите кон Пјонгјанг.
САД и нивните сојузници најавија ново тело што ќе го замени панелот, но тој нема да има поддршка од ОН, што покренува прашања за неговата ефикасност.
„Нема шанси, САД и нивните сојузници сами да ги спроведат санкциите на ОН сè додека Кина и Русија не се подготвени поддржат таков процес. Но, сепак, тоа може да биде многу корисен механизам“, вели Питер Вард, експерт од Институтот „Сејонг“.
Тоа се однесува на овие летови, кои собираат информации што владите потоа можат да ги искористат за да наметнат повеќе санкции.
„Тоа е континуиран круг – тие ни даваат информации, ние им праќаме извештаи. И се комплетира сликата. Целта е спроведување на санкциите“, додава мајорот Публиковер.
Колку добро може да функционира без поддршка од Кина и Русија е друго прашање. Но, засега, САД и нивните сојузници се обидуваат сами да ги спроведуваат санкциите на ОН.
Facebook Forum